Руската војска се доближува до Лисичанск, цивилни жртви во гранатирањата на Харков
119 ден од војната во Украина. Битките на истокот не запираат. Силите на Русија одат кон Лисичанск, во Харков цивилни жртви. До крајот на годинава ќе се активира и ракетниот систем „Сармат“. Американските воени заробеници може да бидат осудени на смртна казна – предупреди Кремљ. Москва револтирана од блокадата на Литванија за транзит на производи кон Калининград. Брисел смирува – не се пропуштаат само стоките кои подлежат на европските санкции...

Руската војска се доближува до Лисичанск. 15 цивили се убиени во гранатирањата на Харков. Двете страни ги интензивираат битките, но и ја заоструваат реториката непосредно пред одлуката на Брисел за кандидатскиот статус за Украина во ЕУ. „До крајот на годинава ќе биде употребена првата ракета Сармат“ – најави рускиот претседател Путин.
„Ситуацијата на фронтот нема значителни промени. Со помош на тактички движења, украинската армија ја зајакнува одбраната во Луганск. Таму е најтешка ситуацијата. Окупаторите вршат сериозен притисок и во правец на Доњецк“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, Кремљ соопшти дека не ја исклучува смртната казна за заробените американски војници.
„Учествуваа во воени активности. Ќе бидат казнети и треба да бидат казнети. Извршија злосторства“, Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
„Очекуваме, односно од меѓународното право и военото право се очекува со сите заробеници на фронтот да се постапува хумано, со почит и во согласност со законите на војната“, изјави Нед Прајс, портпарол на Стејт департментот.
На одбележувањето на годишнината од инвазијата на Германија во Советскиот сојуз, позната како „Операција Барбароса“, министерството за одбрана на Русија излезе со соопштение во кое се вели: „Баш како и денес, нацистите однапред подготвуваа провокации за да ја дискредитираат нашата држава“.
Сè повеќе се засилува и пресметката во економската сфера. Москва ја обвинува Литванија за блокада на транзитот на производи од Русија кон нејзината ексклава Калининград.
„Овој пример покажува дека не можете да верувате ни во усните ни во писмените изјави од Западот. Русија ќе одговори на овие непријателски акции. Се подготвуваат соодветни мерки и наскоро ќе бидат усвоени. Последиците ќе имаат сериозно негативно влијание врз литванскиот народ“, изјави Николај Патрушев, министер во Советот за безбедност на Русија.
Брисел одговори – земјата само ги спроведува санкциите на ЕУ.
„Нема блокада на Калининград. Од минатата недела, се активирани санкциите за некои производи опфатени со т.н. „санкционен пакет“, изјави Ингрида Шимоните, премиерка на Литванија.
„Се прави обид за драматизирање на ситуацијата. Ако го погледнеме вкупното количество транзит низ Литванија, ќе има помалку од половина од санкционираните производи во моментот кога тие ќе се спроведуваат целосно. Тоа значи дека нема блокада“, рече Габриелиус Лансбергид, министер за надворешни работи на Литванија.
Војната во Украина трае веќе четири месеци.
Маја С. Филдишев
