Со 120 столчиња, симболично, ССМ го започна штрајкот на јавниот сектор
Администрацијата штрајкува низ целата држава. Претседателот Димовски вели дека се појавиле притисоци. Преку италијанската партизанска песна која потекнува од времето на италијанската граѓанска војна, „Бела чао“, синдикатот побара оставка од политичките чинители кои не го поддржуваат работникот...

Сирената изутрината го најави почетокот на генералниот штрајк на јавниот сектор. Со 120 столчиња, симболично, за секој пратеник по едно, Сојузот на синдикати на Македонија изрази револт за неприфаќањето на амандманот со кој се бара линеарно покачување на платите од 2.860 денари и регрес за годишен одмор од наредната година.
Преку италијанската партизанска песна која потекнува од времето на италијанската граѓанска војна, „Бела чао“, синдикатот побара оставка од политичките чинители кои не го поддржуваат работникот.
„Сите оние кои нема да го поддржат ова наше барање во интерес на работникот, наше легитимно право како претставници на работниците, како ССМ е од нив да побараме оставка. Ова го кажувам одлучно и решително и сите колеги зад мене и сите работници се согласуваат, бидејќи ние сме ги избрале за да не унапредуваат и да ги чуваат нашите права и да ни излезат во пресрет сега кога ни е најпотребно, кога не знаеме утрото што ни носи, кога не знаеме колкава инфлација другиот ден не чека, кога не знаеме какви цени во продавниците не чекаат. Затоа другари пратеници, другари од власта, другари од локалната самоуправа, сериозно сфатете си ја работата, работникот се бори денеска за егзистенција“, изјави Дарко Димовски, претседател на ССМ.
Администрацијата штрајкува низ целата држава. Претседателот Димовски вели дека се појавиле притисоци, но најави јавно објавување на сите раководители кои ќе им прават опструкции на вработените. Потенцираше дека во најголемиот дел, поддршка имаат и од директорите.
Кога се случува прекин на работата во јавниот сектор, штетата ја трпи трето лице, во здравството, штетата ја трпи и пациентот. Нервозни пациенти имаше пред Градската болница каде што и Синдикатот на здравствените работници излезе на протест.
„Се одлучивме организираниот прекин да биде од 10 до 11 часот, како што гледате планот е да се излезе пред јавната установа, а останатите вработени да ја одржат таа минимална функција, да кажам, која и законски треба да се обезбеди. После 11 часот се враќаат сите на работните места“, рече Љубиша Каранфиловски – Синдикат за здравство.
Колку за илустрација, барањето за линеарно покачување од 2.860 денари како нето износ, за медицинска сестра со средно образование би значело 14% покачување на плата, за медицинска сестра со високо образование-10%, за општ лекар 8%, за лекар специјалист 5,8%.
Од ССМ се решителни, никој и ништо нема да ги предомисли или заплаши за прекин на штрајкот. Продолжуваат и утре. Штрајкот е најавен пред Владата.
Катерина Топалова
