Македонија

Куманово: Станари против зонско паркирање

22.06.2022 14:29

Жителите на еден од главните булевари во Куманово одбиваат општината да воведе зонско паркирање пред нивните згради. Не прифаќаат ниту повластено паркирање, во време на економска криза. Доколку не најдат заеднички прифатливо решение со општината и јавното претпријатие, најавија протести и блокади. Куманово во моментов располага со 700 паркинг места. Надлежните очекуваат со воведување на зоната Б, да се намали сообраќајниот метеж...

Станарите на еден од двата булевари во Куманово, „Октомвриска револуција“, се против воведување зонско паркирање пред нивните згради. Доколку општината започне со исцртување на паркинг места за зоната Б, велат ќе го искажеме нашето граѓанско право со протести и блокади. Укажуваат дека нема проблем со паркингот пред 58-те станбени единици, туку во централното подрачје. Одбиваат да плаќаат и повластен паркинг, бидејќи велат ние имаме обезбедено места пред станбените единици. Некој само треба да го спречи паркирањето на жителите од другите населби.

„Ние сме станари кои живеат по 20-30 години и нормално дека ќе има револт да не плаќаат, бидејќи голем дел од други населени места доаѓаат и ги паркираат возилата тука, а одат на работни места во Скопје и други градови а ние трпиме и не можеме да имаме свои места“, истакна Бобан Кипријановски, еден од организатори на протестот.

Овие жители ќе ги повикаат на состанок надлежните од Општина Куманово и јавното претпријатие „Куманово паркинг“. Во меѓувреме ќе направат петиција и ќе ја достават и до советниците во Советот. Укажаа и на селективно воведување зонско паркирање во градот. Овие кумановци прашаа и зошто надлежните дозволиле да се градат станбени објекти без обезбедени паркинг места.

„Јас сум дошол овде бидејќи сум имал обезбеден паркинг, а сега на некој ако му требаат пари, го гледате ли ова зеленило, првин да се средат некои основни работи а не тој да дојде. Луѓето немаат леб да јадат тие ќе му бараат 3.000 денари месечно знаете ли која е вредноста-нагласи Харун Шабедини“, рече жител на Бул. „Октомвриска револуција“ Куманово.

Од јавното претпријатие Куманово паркинг информираа дека очекуваат барање за средба со жителите, по што ќе излезат и со свој коментар. Тие се сомневаат дека протестот е политички мотивиран, но сепак ќе водат согласно законот. Куманово во моментов располага со 700 паркинг места во централното подрачје. Надлежните очекуваат со воведување на зоната Б, да се намали сообраќајниот метеж.

Елена Георгиевска