Муцунски и Спасов го претставија фестивалот „Гола месечина“

22.06.2022 16:56

Претставата „Да, инспекторе“ на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, а во режија на Синиша Евтимов ќе го отвори годинешното издание на меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“ што од 25-ти до 30-ти јуни ќе се одржи на стадионот во Реонски Центар во Аеродром. Традиционалниот фестивал е во организација на Општина Аеродром и Театар Комедија, а годинава на репертоарот ќе бидат претстави од Македонија и регионот, сите со почеток од 21:00 часот...

Претставата „Да, инспекторе“ на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, а во режија на Синиша Евтимов ќе го отвори годинешното издание на меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“ што од 25-ти до 30-ти јуни ќе се одржи на стадионот во Реонски Центар во Аеродром.

Традиционалниот фестивал е во организација на Општина Аеродром и Театар Комедија, а годинава на репертоарот ќе бидат претстави од Македонија и регионот, сите со почеток од 21:00 часот.

Градоначалникот Тимчо Муцунски на денешната прес-конференцијата ги повика граѓаните да присуствуваат на деветтото по ред издание на овој фестивал и ја изрази заложбата за поголема поддршка од страна на Општината за надградување и успешна реализација на настани од културен карактер.

- Наша обврска како локална власт е да обезбедиме подобра инфраструктура за во уште подобри услови, проекти слични на овој да се реализираат и Аеродром да стане центар на културата во главниот град. Како најурбана и најдинамична општина во Град Скопје, за мене е од огромно жалење што немаме свој театар. Затоа она што го ветувам е дека посветено работиме и преземаме чекори за до крајот на мојот мандат да го реализираме едно од клучните ветувања – Аеродром да го добие својот мултимедијален центар со кино, театар, простор за изложби, галерија, читална за младите лица и други содржини, рече Муцунски.

Фестивалот и програмата ги најави директорот на Театар Комедија Дарко Спасов, кој ѝ се заблагодари на Општина Аеродром за несебичната поддршка при реализацијата на овој културен настан.

„Ние сме подготвени за почетокот, а шесте ноќи ќе бидат исполнети со одлична забава и одлични претстави. Имаме две меѓународни гостувања, „Театар Славија“ од Белград и гостување од Бугарија на големиот Национален театар „Иван Вазов“. Покрај нив, имаме и четири македонски групи – театри од Велес, Охрид, Струмица и од Прилеп“, изјави Спасов и изрази надеж дека и ова фестивалско издание ќе има огромна посетеност.

Картите се бесплатни и можат да се добијат почнувајќи од петок на пријавницата во Општина Аеродром, како и на билетарницата на „Театар Комедија“, секој ден, освен недела, а едно лице има право на две карти за конкретна претстава.