Воен конфликт

Киев очекува одлука од ЕУ за кандидатскиот статус

23.06.2022 09:59

Истокот на Украина останува примарно жариште и на прагот на петтиот месец од вооружениот конфликт со Русија. Украинските власти оптимисти за својата европска иднина. Одлуката за кандидатскиот статус се разгледува на дводневниот самит во Брисел...

Истокот на Украина останува примарно жариште и на прагот на петтиот месец од вооружениот конфликт со Русија. Во Доњецк е оштетен телевизиски центар. Според УНХЦР, Украина досега ја напуштиле осум милиони луѓе.

„Рускиот напад врз Украина го врати сеќавањето на најлошите страници од историјата. Руските бомби уништуваат градови, руските војници убиваат илјадници цивили. Русија дури и депортира цивили“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Украинските власти оптимисти за својата европска иднина. Одлуката за кандидатскиот статус се разгледува на дводневниот самит во Брисел. Барање за влез во европското друштво поднесоа и Молдавија и Грузија. Германскиот канцелар Шолц инсистира на промена на правилата за гласање. Надворешнополитичките одлуки, според него, треба да се носат со квалификувано мнозинство, што подразбира укинување на правото на вето на одредени членки. Шолц уверува – за обновата на Украина ќе биде потребен „Маршалов план“.

„ЕУ намени милијарди долари од фондовите во последните 100 дена за да ѝ помогне на Украина. Германија е сè уште во првите редови за ова. Но ќе ни бидат потребни уште повеќе милијарди евра и долари за повторната изградба. A за тоа ќе бидат потребни години“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.

Идната недела челниците на седумте најбогати демократии и НАТО ќе се обидат да го зголемат притисокот врз Русија. Претседателот Зеленски ќе има видеообраќање на двата состанока. По самитот на Г7 во Баварија, американскиот претседател Џо Бајден ќе се упати кон Мадрид каде што Алијансата, меѓу другото, ќе ја утврдува распределбата на силите и новите чекори за европската сигурност. Едно од поважните прашања е членството на Финска и Шведска коешто е оспорено од Турција.