„Либерасион“ и „Паризиен“: „Изборите се тест за партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ“

13.04.2014 15:59

Француските медиуми по подoлг период повторно се осврнуваат на Македонија во контекстот на денешниот прв круг од претседателските избори, јавува дописникот на МРТВ од Париз.

Изборите се тест за партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ, само две недели пред парламентарните избори пишува денешното интернет издание на париските весници  „Либерасион“  и „Паризиен“, анализа која ја дели и меѓународното француско радио РФИ.

Притоа се пренесува опширната вест на АФП, во која се дадени тенденциите на гласачите и дека одлучувачкото гласање се очекува на 27 април за кога се закажани и предвремените парламентарни избори.

Во однос на предизборната кампања, РФИ во својот редакциски текст објаснува дека таа беше одбележана со националните прашања, пред се спорот со името, додека економската ситуација и слободата на печатотот не беа многу споменати.

Клучот на овие избори е однесувањето на албанското малцинство, кое претставува една четвртина од целокупното население на земјата.

Според француските медиуми, односите меѓу Македонците и Албанците периодично се обележани со тензии по седуммесечниот конфилкт во 2001 година.

И покрај големата невработеност, за француските медиуми се охрабрувачки макроекеономските резултати на Македонија која во 2013 забележа скок од 3,1% на ВБП.

Во извештајот се потсетува и на грчката пречка поставена за Македонија за интеграцијата во НАТО и Европската Унија, поради спорот со името.

Франција е една од ретките земји која се ангажира за решавање на спорот со името, што стои и во последената резолцуија на ЕП.

Тони Гламчевски