Битки на истокот во пресрет на одлуката од ЕУ за кандидатскиот статус на Украина
Најжестоки борби се водат на истокот на Украина. Според УНХЦР, земјата досега ја напуштиле осум милиони луѓе. Во Киев оптимизам за одлука за кандидатскиот статус, која се разгледува на дводневниот самит во Брисел. Најновите информации ги има...

Поддршката на Киев, но и обединетоста на Западот во период на зголемени геополитички тензии и економска криза ќе бидат ставени на тест на три последоветални самити до крајот на идната недела. По дводневниот состанок во Брисел, од недела до вторник во Баварија ќе се одржи самит на Г7. Потоа членките на НАТО на состанок во Мадрид, меѓу другото, ќе ја утврдуваат распределбата на силите и новите чекори за европската сигурност. Приемот на Финска и Шведска останува приоритетно прашање. Германскиот канцелар Шолц уверува – за обновата на Украина ќе биде потребен „Маршалов план“.
„ЕУ намени милијарди долари од фондовите во последните 100 дена за да ѝ помогне на Украина. Германија е сè уште во првите редови за ова. Но ќе ни бидат потребни уште повеќе милијарди евра и долари за повторната изградба. A за тоа ќе бидат потребни години“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.
Истокот на Украина примарно жариште и на прагот на петтиот месец од вооружениот конфликт со Русија.
„Рускиот напад врз Украина го врати сеќавањето на најлошите страници од историјата. Руските бомби уништуваат градови, руските војници убиваат илјадници цивили. Русија дури и депортира цивили“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Неизвесна е и иднината на енергетскиот сектор. Од ЕУ порачаа – ризикот од целосен прекин на испораката на природниот гас е реална закана. Германија веќе ја активираше втората етапа од триделниот вонреден план за залихи.
„Русија ја користи енергијата како оружје. Во последните денови видовме и дополнителни премини на испораката на гас. Целта е да се поткопа нашето единство. 12 земји се засегнати од едностраната блокада на Русија“, изјави Франс Тимерманс, потпретседател на ЕК.
Минатата недела „Гаспром“ го намали количеството гас кон Германија, Италија, Австрија, Чешка и Словачка, но оттаму образложија дека тоа се должи на дефект и поправка на дел од системот кој бил пратен во Канада. Претходно од системот беа исклучени Полска, Бугарија, Данска, Финска, Франција и Холандија.
Маја С. Филдишев
