ССМ пред Влада, штрајк до исполнување на барањата
Министрите на работничките столчиња само што не ја почнале седницата за зголемување на платите за 2.806 денари, Сојузот на синдикати на Македонија со саркастична забелешка за нивните барања. Продолжува штрајкот во јавниот сектор.

Сирена и „Бела чао“ и на вториот ден од генералниот штрајк на Сојузот на синдикати на Македонија. Отворените прозорци на Владата укажуваа дека некој од внатре ја слуша пораката, но никој не се симна да ги поддржи или да разговара со гневните синдикалци. Се чувствуваат измамени и симболично со поставување на 21 стол, за секој министер по еден, ги повикаа да дојдат на разговори.
„Како за 1 мај, на наша жалост не нè пречекаа. Тогаш кажаа дека за сите ќе има по 2860 денари со ребалансот за буџетот, денеска ги нема. Затоа јавно апелирам и им кажувам, работникот си дојде по ветеното. Работникот си дојде по своето бидејќи ние немаме друг начин како да издржиме во оваа економска криза. Затоа сериозно сфатете ја работата да не ја ставиме државата пред колапс“, изјави Дарко Димовски, претседател на ССМ.
Димовски ја демантираше вчерашната изјава на министерката Тренчевска, дека медијатор во моментот преговара со нив.
„Медијатор има, но медијаторот го нема“, рече Дарко Димовски, претседател на ССМ.
Има одредено, но тој не закажува средби и нема никакви преговори со властите околу нивните барања. Претседателот демантираше и дека никој не штрајкувал во Министерството за труд и социјала, како што рече Тренчевска. Тој уверува дека 138 илјади нивни работници-штрајкуваат.
Од ССМ останаа пред Влада до 14 часот, но единствени политичари што ги посетија и им дадоа поддршка беа пратениците од Алијанса за Албанците. Тие во март поднесоа два амандмани со кои побараа со покачувањето на минималната, да се покачат и останатите плати.
„Нашите проценки велат дека соодносот минимална и просечна плата, тогаш беше 1,9, сега со зголемување на минималната плата другите плати на јавниот сектор останаа непроменети со односот 1,36. Значи тука имаме некоректен однос спрема другите работници. Ние како политичка партија од тогаш сметаме дека треба целиот јавен сектор да се третира подеднакво затоа што зголемувањето на цените е исто за сите“, изјави Елми Азири, од Алијанса за албанците.
Димовски вели дека во повеќе јавни комунални претпријатија и во повеќе општини веќе се потпишани спогодби за 2.860 денари, се преговара и на други места, но централната власт ја нема. Во однос на штрајкот, забележале притисоци во Основен суд 2 каде што изутрината биле искинати сите постери.
Од ССМ повторија дека не се откажуваат, утре штрајкуваат пред Министерство за финансии.
Катерина Топлаова
