Македонија

Охрид: Граѓаните одлагаат цврст отпад во цевководот на колекторскиот систем

23.06.2022 15:41

Со децении наназад се посочува дека колекторскиот систем кај месноста „Грашница“ не функционира на потребното ниво, поради што, при обилни врнежи доаѓа до излевање на отпадни и фекални води од шахтите кои завршуваат во Охридското езеро. Неодамнешното чистење на цевководот на тој потег покажа дека и жителите на таа населба имаат вина за еколошките инциденти бидејќи одлагаат најразлични видови цврст отпад во цевководот на колекторскиот систем...

Во пресрет на летната туристичка сезона ЈП „Колекторски систем“ го расчисти цевководот на колекторот на најкритичната точка долж охридското крајбрежје кај месноста „Грашница“ каде што при обилни врнежи по правило се излеваат отпадни и фекални води во езерото. Чистењето на цевководот покажа дека и граѓаните имаат голем удел за повремените еколошки инциденти бидејќи во колекторскиот систем одлагаат цврст отпад, па дури и камења од кои најголемиот со големина од 50 проценти од дијаметарот на цевководот.

„Како што кажав, значи преголеми количини на цврсти материјали, камења, капаци од шахти коишто несовесно биле подигнати и фрлени во самиот цевковод, преголеми количества на корења и песок“, изјави Владимир Алексијоски, директор на ЈП „Колекторски систем“.

Сепак најголем проблем, според, Алексијоски создаваат големите количини на атмосферска вода што се влева во колекторот, бидејќи на територијата на општина Охрид само 20 проценти од атмосферската канализација е поделена од фекалната.

„Жалосно е тоа што само на метар и шеесет од нашата шахта цевката постои атмосферската шахта, цевката којашто и вие ја снимивте којашто најмалку околу 20 литри во секунда кое е преголемо количество на вода се влева во нашиот цевковод и прави оптоварување како за самото нормално функционирање така и по однос на искористувањето на електрична енергија којашто и сами знаеме дека во моментов е со преголема цена“, вели Алексијоски.

Зголемувањето на проточноста на цевководот само ќе го ублажи проблемот со загадувањето на овој простор бидејќи во непосредна близина во езерото се влева реката Грашница во којашто граѓаните одлагаат најразлични видови отпад, а има и такви коишто долж нејзиното течение канализационите системи од своите домови ги насочиле кон реката. Додека тоа не се реши месноста Грашница ќе биде меѓу најголемите загадувачи на езерото.

Сашо Нелоски