Руско-украински конфликт

Руска офанзива во Луганск

24.06.2022 12:53

Русите се прегрупираат, на Украинците им е наредено да го напуштат Северодоњецк. Политичкиот врв на Киев гледа перспективна иднина по доделениот кандидатски статус за влез во ЕУ. Задоволство и меѓу украинскиот народ, но многумина ја толкуваат веста од Брисел со резервиран оптимизам. Во Москва состаноци за засилување на одбраната на границите...

Украинските власти со суперлативи ја најавуваат европската перспектива на земјата откако официјален Киев доби кандидатски статус за прием во ЕУ. Државниот врв убеден дека со поддршката од Брисел ќе се отвори ново поглавје во историјата во полза на украинскиот народ.

„Украина се бори за слобода, а војнава почна кога Украина си го изрази правото да се бори за слобода, да ја избере својата иднина. Избравме пат којшто е одреден од нашиот народ, а не од нечија моќ. Пат избран од Плоштадот на независноста, а не Црвениот плоштад“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

„Ова е силна политичка порака. Ќе ја слушнат и војниците во рововите, секое семејство кое мораше да побегне во странство, сите што ни помагаат да дојдеме до победа. Но ќе ја чујат и во бункерот. Географијата не можеме да ја смениме. Русија и натаму ќе ни биде сосед. Но во овој случај, одлуката ја менува историјата, а историјата ја порази географијата“, изјави Руслан Стефанчук, претседател на украинската Рада.

„Од овој момент, нашата земја не само што ќе го прифати европското искуство, туку и ќе може да влијае врз формирањето на секторските политики на ЕУ. Процесот на украинската интеграција во Унијата станува неповратен“, изјави Денис Шмигал, премиер на Украина.

Оптимизам и меѓу народот, но многумина со голема резервираност ја толкуваат веста од Брисел.

„Донесоа добра одлука. Ништо не зависи од нас, но се надевам дека наскоро сè ќе се среди“.

„Додека се справуваме со корупција, нема да влеземе. Вака нема да нè пушат ни да им ги метеме тротоарите“.

„Одлуката не е лоша, но како ќе се спроведе во повисоките институции? Не сме подготвени. Ни претстои долг пат. Избрзана е и не сме подготвени“.

Во Москва, состанок на Заедницата на независни држави за идните чекори на руската војска и активноста на НАТО на западната граница.

„Се среќаваме во тешки времиња. Но тешкотиите нè прават посилни. И покрај обидите на нашите непријатели и противници да ги поделат нашите земји, ние се зближуваме, покажуваме вистинско пријателство и братски релации“, изјави Виктор Кренин, министер за одбрана на Белорусија.

Војната влегува во петтиот месец. Украинските трупи пружаат отпор во периферијата на Лисичанск, последниот град под контрола на Киев во регионот Луганск. Русите го зазедоа селото Николајевка во близина, а напредуваат и во Северодоњецк. Во Херсон, во експлозија на автомобил загинал проруски политичар. Локалните власти го прогласија нападот за терористички.

Марина Ристова