Македонија

ССМ продолжува со генералниот штрајк

24.06.2022 13:00

Сојузот на синдикати на Македонија продолжува со генералниот штрајк. Барањата за зголемување на платите за 2 илјади осумстотини и шест денари и регрес за годишен одмор, денеска ги повторија пред министерството за финансии. И денеска поддршка од опозицијата. Претседателството на ССМ ќе решава дали евентуално од идната недела ќе го радикализира штрајкот…

Претседателот на ССМ, Димовски, предупреди доколку не биде прифатено барањето директори и министри ќе се соочат со кривични пријави. Тој посочи дека дел од општините меѓу кои Тетово и градот Скопје во неколку јавни претпријатија линеарно ги зголемиле платите на вработените за 2.806 денари, со што ја искажале грижата за нив.

Пресметките на синдикалците покажале дека државата треба да издвои само 30 милиони евра за зголемување на платите дел од кои ќе бидат вратени во Буџетот и тоа 38 проценти преку фондовите, 18 проценти по основ на сметки и 14 милиони ќе бидат вратени во бизнисот, додаде Димовски.

На протестот на синдикалците им се приклучија претставници на опозициските партии. Нивната порака беше до пратениците од власта во Собраниската комисија да се одважат и да го прифатат амандманот за зголемување на платите.

Сојузот на синдикатите стапи во генерален штрајк откако барањето за зголемување на платите во јавниот сектор не доби зелено светло од пратениците од власта.

Фиљана Кока