Париз: Следните денови ќе бидат одлучувачки за отворање на преговорите со Северна Македонија
Француското Министерство за надворешни работи во реакција испратена на прашање на дописникот на МРТ, потврдува дека Франција останува мобилизирана на изнаоѓање на решение за почеток на преговорите на Северна Македонија и Албанија...

На официјалната реакција на „Кеј д’Орсеј“ се чекаше многу долго, прашањето за содржината на францускиот план за надминување на бугарското вето, беше поставено пред дваесетина дена и на неколку пати повторено, но француската дипломатија чекаше да започне самиот во Брисел ЕУ-Западен Балкан и „очигледното незадоволство и гневот“ на земјите од Западен Балкан, како што пренесоа повеќе француски медиуми за да излезат со официјална реакција на ова прашање, дополнувајќи го она што го рече претседателот Емануел Макрон во Брисел.
„Кеј д’Орсеј“ најпрво потсетува дека претседателот на Франција Емануел Макрон уште „за време на телефонските разговори што ги имаше на 6 јуни со македонскиот премиер и со бугарскиот претседател, укажа дека има достапност да им помогне на овие две земји да склучат билатерален договор“.
Во однос на француското директно ангажирање во изнаоѓањето на решение, француското МНР додава:
„Преземаме многу чекори под нашето претседавање со Советот на Европската Унија со цел да го поддржиме барањето решение за спорот меѓу двете земји и да ја конкретизираме европската перспектива на Северна Македонија“.
За на крајот од кратката реакција да нагласат дека: „Следните денови ќе бидат одлучувачки. Остануваме мобилизирани за да постигнеме избалансирано и заемно прифатливо решение и решени сме, во случај на договор, да организираме меѓувладини конференции меѓу Европската Унија и Северна Македонија, како и со Албанија.“
Тони Гламчевски
