Македонија

Бугарското Собрание даде зелено светло на модифицираниот француски предлог

24.06.2022 14:27

Со 170 гласа „за“, 37 „против“ и 21 „воздржан“ бугарското Собрание го изгласа модифицираниот француски предлог со 4 точки за кревање на ветото за Македонија. Жестока расправа меѓу власта и опозицијата. Во салата транспаренти-Македонија е Бугарија, а од галеријата дека ГЕРБ и ДПС се народни предавници...

Бугарското Собрание даде зелено светло на францускиот предлог, но со дополнување од четири точки . Ефикасно имплементирање на договорот за добрососедство, гаранција за правата на бугарите во Македонија преку нивното вклучување во уставот како државотворен народ, дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија, и европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети. 170 пратеници гласа за, 37 против и 21 пратеник беше воздржан. Во бугарскиот парламент не изостана националистичката реторика, а осамнаа и транспаренти „Македонија е Бугарија“.

Бугарските пратеници жестоки во изјавите дека северна Македонија не може да отвори ниту едно поглавје ако не ги исполни нивните барања. Бугарскиот интерес е загарантиран велат пратениците.

Додека Македонија го отфрли францускиот предлог за кревање на ветото, бугарската страна вметнува уште по радикални барања со гласни изјави на негирање на македонската нација и јазик.

Миле Ристески