Руско-украински конфликт

Руската војска ја добива битката за Северодоњецк

24.06.2022 14:36

Русите се прегрупираат, на Украинците им е наредено да го напуштат Северодоњецк. Политичкиот врв на Киев гледа перспективна иднина по доделениот кандидатски статус за влез во ЕУ. Кремљ порача – односите со ЕУ се веќе на дното, па невозможно е по оваа одлука да паднат уште пониско. Во Москва состаноци за засилување на одбраната на границите...

Украинските власти со суперлативи ја најавуваат европската перспектива на земјата откако официјален Киев доби кандидатски статус за прием во ЕУ.

Украина се бори за слобода, а војнава почна кога Украина си го изрази правото да се бори за слобода, да ја избере својата иднина. Избравме пат којшто е одреден од нашиот народ, а не од нечија моќ. Пат избран од Плоштадот на независноста, а не Црвениот плоштад“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Ова е силна политичка порака. Географијата не можеме да ја смениме. Русија и натаму ќе ни биде сосед. Но во овој случај, одлуката ја менува историјата, а историјата ја порази географијата“, изјави Руслан Стефанчук, претседател на украинската Рада.

Москва со реакција. Односите меѓу Русија и ЕУ се на дното така што е невозможно да паднат уште пониско по одлуката на Брисел за кандидатурите на Украина и Молдавија.

Нема што да се каже за Украина, но сега ја гледаме и Молдавија која сака да стане Европа повеќе од самите Европејци. Молдавија е очајна за таков чекор, и на многу начини, од некоја причина, нејзиниот кандидатски статус е поврзан со антируската позиција“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

„Имаме илузија дека ќе се расклопи или смени актуелниот русофобичен ментален склоп на Европа. Но Европејците го избраа овој пат кој, за жал, потсетува на Втората светска војна кога Хитлер обедини голем број европски земји, ако не и повеќето, да војуваат против Советскиот сојуз. ЕУ и НАТО се однесуваат слично, градат модерна коалиција за борба и војна против Русија“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Војната влегува во петтиот месец. Украинските трупи пружаат отпор во периферијата на Лисичанск, последниот град под контрола на Киев во регионот Луганск. Русите напредуваат и во Северодоњецк. Во Херсон, во експлозија на автомобил загинал проруски политичар. Локалните власти го прогласија нападот за терористички.

Марина Ристова