Македонија

Османи-Маричиќ: Јасни позиции за македонските евроинтеграции

24.06.2022 15:08

Ставот на Македонија за францускиот предлог држен во тајност поради гласањето недоверба на владата на Петков. Какви било наши забелешки ќе влијаеа врз Бугарија, и може да дестабилизираат една земја членка на ЕУ и НАТО, смета Османи …

Бугарија го прифати францускиот предлог за преговори со Македонија, но дополнет со 4 точки, а македонските власти чекаат официјално да го добијат па да ги соопштат своите забелешки до актуелниот претседавач со ЕУ, Франција. Ако нема два елементи што се спорни, јазикот и историските прашања и зборот отворање, предлогот ќе биде прифатлив, брифираше претходно шефот на дипломатијата Османи. Според него, усвојувањето на резолуцијата во бугарскиот парламент во која се потенцираат токму овие две прашања ќе го блокира долгорочно европскиот процес и воедно ќе ги парализира инструментите од договорот за пријателство со Бугарија на долг рок.

„Не би коментирал додека не го видам финалниот текст од гласањето зошто слушам разни шпекулации дали имало измени во текот на расправата. Нашиот став е кажан јавно и формално на француското претседателство, останува наредните денови дали француското претседателство ќе има конечен свој предлог во однос на прашањето. Досега имавме работна верзија во која останаа недефинирани некои прашања, а тоа е прашањето на протоколот, бидејќи протоколот ние симболично го гледаме како парадигма на историските интерпретации. Мислам дека доколку има политичка волја да се разберат нашите сензитивности, ќе може да се најде решение и во наредните неколку денови“, изјави Бујар Османи-министер за надворешни работи.

Нема алтернатива на евроинтеграцијата, вели вицепремиерот за европски прашања Маричиќ во првата реакција по усвојувањето на францускиот предлог во бугарскиот парламент. Смета дека за следните чекори треба да се известат државните институции и јавноста.

„Во моментот кога ќе добиеме каков било официјален предлог тој ќе биде секако доставен на разгледување и во владата и кај коалициските партнери на владата и се разбира, во некаква форма ќе биде консултирано и собранието и комисијата за надворешни работи“, изјави Бојан Маричиќ-вицепремиер за европски прашања.

Првите луѓе за евроинтеграции, Османи и Маричиќ, сè уште сметаат дека има време ако Бугарија отстапи од своите барања, дека може да се прифати предлогот и да се почнат преговорите со ЕУ. Соопштија дека побарале објаснување од Француската амбасада за изјавата на францускиот претседател Макрон каде нè нарече „Северно Македонци“. Добиле одговор дека се работи за ненамерна грешка.

Ирина Гелевска