Преспа

Овоштарите бараат помош од државата

25.06.2022 11:08

Уништени јаболковите насади во Преспа, овоштарите бараат помош од државата. Невремето на почетокот на овој месец комплетно го уништи родот во десетина преспански села. Потребни се авионски интервенции за засејување на градоносните облаци и избегнување на штети...

Уништен родот во Преспа, овоштарите бараат помош од државата. Невремето од град и ветер, на почетокот на овој месец, кое погоди десетина преспански села, комплетно ги уништи јаболковите насади. Нема да има конзумно јаболко ќе мора да се продава по ниска цена како индустриско за преработка.

Доколку државата не пружи помош овоштарите, велат ќе се откажуваат од насадите.

„Невремето што не зафати ги има околу 100% оштетено овошките. Може да погледнете јаболката се комплетно уништени што од ова јаболко веќе нема да можеме да имаме конзумно јаболко освен индустриско, состојбата е навистина алармантна“, вели овоштар од Преспа.

Потребни се посериозни инвестиции, поставување на мрежи за заштита од град, но овоштарите се немоќни сами да ги инсталираат.

„Знаете дека се е поскапено и горива и билки и ѓубрива и резервни делови за тракторите. Треба да се помогне на луѓето оти овде претежно се живее од земјоделие“, вели овоштар.

Климатските промени се причина за чести невремиња, кои секоја сезона ја погодуваат Преспа. Потребни се авионски интервенции за засејување на градоносните облаци и избегнување на штети.

„Имаме потреба од поголеми интервенции на авиони, вклучување на Министерството за земјоделие со останатите Балкански земји Албанија, Грција, Србија, Бугарија да имаме заедничко авионско засејување за градоносните облаци да бидат навремено отстранети“, вели Љубе Пампулески претседател на овоштарите од Ресен.

Општинската комисија на терен ги констатира штетите, но овоштарите сè уште не добиле отштета од невремето кое ја зафати Преспа во 2017 и 2018 година.

Соња Рилковска