Сторија

Тешко се живее од копаничарството

25.06.2022 11:41

Стоје Додевски од Старо Нагоричане е еден од ретките копаничари од североистокот, кој сè уште се занимава со оваа дејност. Некогашниот драмски аматерски режисер, вели дека тешко се живее од дрворез. Доколку би имало сувенирница во регионот, можеби и интересот за производи изработени од дрво, би бил поголем...

„Тешко ли се живее од копаничарство? Скоро и никако не се живее, но задоволството е поголемо од сè друго“, раскажува некогашниот драмски аматерски режисер, денес копаничар, Стоје Додевски од Старо Нагоричане. Додевски кој е еден од малкуте копаничари од североистокот, со овој занает се занимава 20-ина години. Посочува дека дејноста воопшто не е исплатлива, но сепак го исполнува. Оние ретките што купуваат изработени предмети од дрво, најчесто бараат икони. Занаетот вели го научил од повозрасните мајстори, членови на Здружението на копаничари на Македонија.

Од прилика четири часа ефективна работа, потоа можеш да работиш нешто што не можеш да го згрешиш, инаку концентрацијата е толку до 4 часа. Едно дело за да се направи потребен е месец и половина, па и повеќе некогаш. Некое дело па побргу се заврши така зависи од бараното дело-истакна тој.

Овој копаничар, кој сè уште ја негува вековната применета уметност нагласува дека кај младите воопшто не постои интерес за копаничарството.

Бевме тројца членови во Здружението на копаничари од регионот, едниот се откажа поодамна, вториот слушнав сега бргу се откажал, повеќе не работи, толку не има. Во секој случај долу има поголем интерес, во Битола, Охрид, Велес-дополнува Додевски.

Производите засега не ги пласира никаде. Вели доколку постои сувенирница, можеби и интересот за производи од дрво би бил поголем. Отворањето на сувенирница во Куманово е и барање на Занаетчиската комора. Од Општина Куманово, информираа дека занаетчиите до наредната година ќе добијат простор каде што ќе можат да ги пласираат своите производи. Сувенирницата е планирано да се отвори во најпрепознатливиот објект, Занаетчискиот дом.

Елена Георгиевска