Осомничениот за пукањето во Осло е Норвежанец со иранско потекло
Две лица загинаа, а над 20 се повредени, од кои некои потешко, во пукање во ноќен клуб во центарот на Осло. Еден осомничен е уапсен и запленети биле две парчиња оружје, користени во пукањето. Полицијата верува дека осомничениот е единственото лице вклучено во престрелката. Мотивот за нападот не се соопштува, но полицијата престрелките ги третира како терористички напад. Организаторите на собирот на ЛГБТ симпатизерите во Осло ја откажаа годишната Парада на гордоста...

Шок наместо парада на гордоста. Знамињата со боите на виножито што требаше да се веат како симбол низ улиците во Осло испрскани со крв откако во напад загинаа две лица, а повеќе од 20 се повредени во близина на ноќен клуб популарен меѓу ЛГБТ заедницата во главниот град на Норвешка.
„Беше навистина многу чудно бидејќи сите почнавме да ги проверуваме нашите мобилни телефони. Целата атмосфера на забавата престана. Одеднаш не можевме слободно да се движиме. Мислам дека сите го поставија прашањето: Што се случува сега? Мојот телефон и сите други почнаа да ѕвонат, сите добив пораки. Што се случува? Луѓето почнуваат да ги проверуваат вестите. Што се случи? Тогаш сфатив дека сега очигледно се случува нешто што е многу посериозно отколку што некој очекуваше“, вели Николај Берже, сведок.
Полицијата спроведува истрага поради сомнение за тероризам.
„Извршивме претреси на различни адреси каде запленивме разни предмети кои се надеваме дека можат да го расветлат случајот“, изјави Торе Барстад, портпарол на полицијата.
„Што се однесува до обвинетиот, тој е норвешки државјанин, по потекло од Иран. Тој и е познат на полицијата, но по ситни прекршоци“, рече Кристијан Хатло, полициски адвокат.
Полицијата не верува дека некое друго лице е вмешано. Напаѓачот имал две оружја-пиштол и автоматско оружје.
Во меѓувреме организаторите на собирот на ЛГБТ симпатизерите во Осло ја откажаа годишната Парада на гордоста која требаше да се одржи денеска, а тоа е сторено по совет од полицијата.
„Сериозно ги сфаќаме полициските совети и препораки и ги охрабруваме луѓето да не се собираат во центарот на Осло“, изјави Ингер Кристин Хаугсевје, организатор на Осло Прајд.
„Тешко е за движењето да го доживее ова. Ги охрабруваме сите да застанат заедно, да се грижат еден за друг. Ќе се вратиме подоцна, горди, видливи, но во моментов не е време за тоа“, изјави Инге Александар Гестванг, лидер на Слободното движење.
Премиерот Јонас Гар Стоере на Фејсбук напиша дека „пукањето пред пабот Лондон во Осло е суров и многу шокантен напад врз невини луѓе“. Тој напиша и дека – иако мотивот бил нејасен, пукањето предизвикало страв и тага кај ЛГБТК заедницата. „Сите сме со вас“, напиша премиерот. Норвешка се смета за безбедна земја, но доживеа смртоносни напади од десничарски екстремисти, вклучително и нападот во 2011 година кога десноекстремистичкиот атентатор Андерс Брејвик уби 69 луѓе на островот Утоја, откако активираше бомба во Осло, во која загинаа осум лица.
Катерина Топалова
