Во Битола синоќа започна осмото издание на Шекспир фестивалот со мото „Мислата е слободна“
По двегодишната пандемска пауза Битола Шекспир Фестивалот се врати на театарската сцена. Осмото издание го носи мотото „Мислата е слободна“ отворањето со претставата Магбет на полскиот театар. На преостанатите пет фестивалски вечери ќе настапат и театарските ансамбли од Албанија, Италија, Црна Гора, Бугарија. Вечерва сцената е резервирана за домаќинот битолскиот ансамбл кој на ова издание е и единствениот македонски репрезент на Шекспирова претстава...

Конечно соодветно мени за двегодишниот театарски глад за спектакуларни претстави. „Магбет“ во режија на Грегор Суски а во изведба на полскиот театар „Александар Вегиерко“ синоќа го отвори осмото издание на Битола Шекспир Фестивалот. Мотото на годинешново издание е „Мислата е слободна“ преземена од Шекспировото дело „Бура“. Изборот не е случаен бидејќи - ние уметниците сме должни да се бориме дури и со самите себе за слободата на мислата а со тоа и за слободата на уметноста, велат организаторите.
За втората фестивалска вечер сцената е резервирана за домаќинот битолскиот ансамбл кој е и единствениот македонски репрезент на Шекспирова претстава. Неспорен факт е дека нашите театарски куќи последните години почесто не посегнуваат по шекспировите дела. Дијагнозата засега се заснова само на претпоставки.
До последниот ден од месецов кога фестивалот ќе биде и свечено затворен љубителите на оваа уметност ќе можат да ги проследат и претставите на ансамблите од Италија, Албанија, Црна Гора и Бугарија. Во односот на претходниот годинешниов буџет е преполовен. Ресорното министерство помогна со еден милион, а општината со 600.000 денари.
Стевче Митревски
