Завршени истражувањата на Градиште
Археолошкото одделение од националната установа Музеј Куманово ги заврши истражувањата на локалитетот Градиште во село Младо Нагоричане. Откриени се фрагменти од хеленистичка и раноантичка керамика, садови, тегови и накит...

Кумановските археолози ги завршија истражувањата на локалитетот Градиште во село Младо Нагоричане. Ископувањата, екипа од археолози ги спроведе на два сектори, акропола и долна тераса. Откриени се бројни наоди, претежно фрагменти од хеленистичка и раноантичка керамика, садови, тегови и накит. Документирани се и делови од каналот за одвод на вода од резиденцијалниот објект, за кој се претпоставува дека најверојатно е владетелската палата.
Ние сме презадоволни од истражувањата што ги направивме. Неколку години пред тоа најавивме дека имаме некои индикации дека може на локалитетот да постоел дел кој се користел за изведување на ритуали. И којшто би бил некој вид ексклузивитет на локалитетите во овој дел од регионот, затоа што малку се истражувани. Среќни сме што оваа година ги потврдивме тие претпоставки. На определено место на локалитетот оној дел кој е најкарпест каде што и денеска се гледа карпата со ископувањето утврдивме дека не бил користен за живеење туку единствено за депонирање на дарови, кои биле посветени на некој култ, истакна Дејан Ѓорѓиевски, археолог, раководител на истражувањето.
Од кумановскиот музеј нагласуваат дека во многу детали ископувањето на локалитетот наликувало на откритијата на Кокино, кои се скоро 2000 години постари. Од тоа велат се гледа дека постоел континуитет во верувањата и ритуалите во регионот.
Класичните и хеленистичките светилишта на карпа се ретки и кумановскиот регион со тоа се вбројува во кругот на медитеранските цивилизации кај кои се откриени ваквите свети места.
Ископувањето беше поддржано од Министерството за култура.
Елена Георгиевска
