Воен конфликт

Зеленски: Ќе ги вратиме сите наши градови

26.06.2022 12:38

Русија повторно го нападна Киев. Повеќе експлозии одекнале во станбена населба во украинскиот главен град, оставајќи луѓе заробени под урнатините и предизвикувајќи пожар во деветокатница. Бомбардирањето на Киев дојде додека украинските одбранбени сили се прегрупираат по загубата на Северодоњецк, каде се водеа најинтензивните борби, четири месеци по целосната инвазија на Русија...

Повторно експлозии во украинскиот главен град Киев. Погоден е станбен комплекс во близина на центарот на градот. Претседателот Зеленски рече дека Украина била погодена од 45 руски проектили во последните 24 часа. Истакна дека земјата ќе ги врати сите градови што ги зазеле русите, вклучително и Северодоњецк.

„Ова е многу тешка фаза од војната, морално и емотивно тешка, кога знаеме дека непријателот нема да успее, кога сè уште разбираме дека можеме да ја одбраниме нашата земја, но не ја чувствуваме временската рамка на тоа. Не се работи само за уништување на нашата инфраструктура. Тоа е исто така циничен, пресметан притисок врз емоциите на нашиот народ, но ние нема да бидеме под притисок. Ниту еден руски проектил, ниту еден удар не може да го скрши духот на украинците“, рече Володимир Зеленски, претседателот на Украина.

Експлозиите се случиле половина час откако се огласиле сирените за воздушен напад врз главниот град, кој речиси три недели не бил под руско бомбардирање.

Руското Министерство за одбрана објави снимка на која се гледа како министерот за одбрана Шојгу е во посета на единиците на руските војници во Украина.

„Верувам во вас! Ви претстојат уште многу славни дела во корист на нашата татковина и вооружените сили на воздухопловните трупи. Честитки! Грижете се за себе!“, рече Сергеј Шојгу, рускиот министер за одбрана.

Руските сили се обидуваат да го заземат последното украинско упориште во Луганск, по повлекувањето на украинските трупи од урнатините на Северодоњецк.

„Мојата единица беше 100% составена од професионални војници кои имаа големо искуство. Сега 80% се онеспособени со сериозни повреди“, рече командант на украинската поморска пешадија маринци.

„Чувствувам дека треба да спијам неколку недели. Ги гледам момците што доаѓаат овде, тие не се професионалци, не знаат што да прават и навистина се многу исплашени“, вели Ирина Цибух, лекар.

Војската соопшти дека сепаратистите поддржани од Москва сега имаат целосна контрола врз хемиската фабрика која беше последното украинско засолниште во градот.

Марина Ристова