Меѓународна ликовна колонија во Вевчани
Дваесетина сликари од Балканските и Европските земји годинава ќе творат на Единаесеттата Меѓународна ликовна колонија во Вевчани. Природните убавини во тивката планинска природа се основниот мотив за врвните ликовни мајстори од различни генерации, култури и сликарски школи...

Вевчани неисцрпна инспирација за врвните светски сликари. Дваесеттина уметници од Балканските и Европските земји и годинава, по единаесетти пат, творат на Меѓународната уметничка колонија „Вевчански видувања“, што синоќа свечено се отвори со ексклузивен концерт на Лепа Брена.
„Многу ми е драго што сум во овој крај, кој традиционално носи навистина нешто посебно. Божествено убава природа, прекрасно езеро, гостопримливи домаќини, и нешто што ја задржало традицијата за собирање на уметниците од целиот свет“, вели Лепа Брена.
Природните убавини во тивката живописна природа се основниот мотив за врвните ликовни мајстори од различни генерации, култури и сликарски школи. Тие се инспирираат од Вевчанските извори, традиционални куќи, автентичните порти и прозори, вевчанските сокаци.
„Секоја година јас различни теми одбирам мислам јас сум тој истиот препознатливо е тоа што го сликам меѓутоа сакам да имам предизвик во работата не сакам да се повторувам од минатите години. Убавината на уметноста е во непредвидливоста“, изјави Петар Попчев, уметник.
„Долго време доаѓам во Македонија, многу ја сакам затоа што родителите ми се Македонци и секогаш не влечи тој југ, топлината, народот и јазикот“, изјави Славица Секуловска уметник од Србија.
Новитет годинава е Летната школа за млади идни уметнички надежи, кои ќе ги откриваат тајните на сликарската уметност.
„Организираме летна ликовна школа во траење од една недела професорката Лара Ташковска ќе ги одржува часовите односно работилниците на повеќе од 40 дечиња“, вели Ефимија Угриновска Кукоска од организацискиот одбор на Меѓународната колонија „Вевчански видувања“.
Следните две недели светските уметници ќе творат, а уметничките дела родени во падините на Јабланица ќе бидат сместени во каталог, ќе се организираат и изложби низ земјава и странство.
Соња Рилковска
