Самит Г-7: Во фокус војната во Украина и цената на нафтата
Руското злато е новиот адут на западните земји при санкционирањето на војната во Украина. Кремљ инкасира речиси 16 милијарди долари годишно со извозот на драгоцениот метал. Групата седум најразвиени во Гармиш Партенкирхен го запреа увозот, за да се спречи финансирањето на воената машинерија на Путин, коментира Бајден. Пријателско гушкање на доскорешните лути ривали, Макрон и Џонсон во Гармиш...

Во Германија, во баварското планинско одморалиште, почна самитот на Г-7. Главна тема е војната во Украина и цената на нафтата. Американскиот претседател Џо Бајден одржа билатерална средба со домаќинот на самитот, германскиот канцелар Олаф Шолц на која му се заблагодари за неговото лидерство во одговорот на украинската криза.
„Има многу да се направи, но сакам да ви упатам комплименти што се засиливте кога станавте канцелар и се движите на ист начин, а притоа имате големо влијание врз остатокот од Европа во однос на преземените чекори кон Украина. И вие сте еден од нашите најбрзи и најблиски сојузници во светот. И мораме да се погрижиме да го имаме ова, сите да останеме заедно. Ќе продолжиме да работиме на економските предизвици со кои се соочуваме. Ќе поминеме низ ова и ќе бидеме посилни“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Германскиот канцелар само потврди дека остануваат на иста линија и оти ќе продолжат со исто темпо.
„Тоа е добра порака што сите успеавме да останеме обединети, што очигледно Путин никогаш не го очекуваше“, изјави германскиот канцелар, Олаф Шолц.
Војната ги зближи и доскорешните лути противници, Макрон и Џонсон, а британскиот премиер посака Лондон повторно да има соодветна улога во Европа. Руското злато е новата мета на Г-7 за зголемен притисок врз Русија. Пред почетокот на самитот, претставниците на САД и на Велика Британија објавија дека земјите-членки ќе воведат забрана за купување на драгоцениот метал како уште еден удар насочен кон богатството на елитните Руси кои ја финансираат војната во Украина. Собирот на Г-7 е првиот од двата клучни самити во претстојната недела во услови на растечки глобални вонредни состојби, со војната на Путин и поврзаните кризи со храна и гориво. По состанокот на Г-7, лидерите на НАТО ќе се соберат на самит во Мадрид на 28-ми и 30-ти јуни.
Катерина Топалова
