Делчево

Се санираат штетите од невремето во Делчево

26.06.2022 17:46

Ден по силното невреме во Делчево градот се расчистува, патиштата се проодни и се утврдуваат штетите. Од локалната власт се задоволни од брзата интервенција на надлежните институции, велат материјалната штета е голема, но среќа е што нема повредени. Водата од денес на пладне е безбедна за пиење...

Паднати дрва и бандери, откорнати кровови, блокирани патишта, уништена инфраструктура и поплавени домови во Делчево, за само дваесеттина минути колку траеше невремето вчеравечер. Најголем дел од проблемите денес се санирани, патиштата се проодни, атмосферската канализација е исчистена, водата е безбедна за пиење.

Помош во справување со штетите од невремето граѓаните може да бараат во Комуналното претпријатие, МВР и Центарот за управување за кризи. Од денес почна процената на штетите.

Заради ситуацијата, претседателството на Сојузот на синдикати на Македонија одлучи да го стави во мирување генералниот штрајк во регионите погодени од вчерашното невреме – Делчево, Виница и Демир Капија, заради ставање на сите капацитети во справување од последиците од елементарната непогода.

Славица Величковска