Македонија

Исплата на субвенции на рати или по фази на реализација

27.06.2022 09:09

Локалните власти кои сакаат да инвестираат во инфраструктура за пристап до земјоделско земјиште можат да побараат финансиска поддршка од платежната агенција. Висината на субвенцијата е до 100 проценти од вредноста на трошоците или до најмногу еден милион денари. Пријавувањето трае до 9-ти јули годинава...

Финансиска поддршка од 100 проценти од вкупната вредност на инвестицијата и прифатливите трошоци можат да ги побараат единиците на локалната самоуправа кои сакаат да вложуваат во инфраструктура за пристап до земјоделско земјиште.

Вкупните прифатливи трошоци по корисник изнесуваат до еден милиони денари, а парите по барање на корисникот можат да се исплаќаат на две рати или според фазите на реализација на инвестицијата.

Неповратната финансиска помош се одобрува за набавка на градежни материјали и елементи за конструкција, услуги за надзор и изведување на градежни работи како и за изработка на елаборати и техничка документација.

Барањата со потребната документација се доставуваат во платежната агенција лично или преку пошта до 9-ти јули 2022 година. Одобрувањето на неповратната помош е преку бодување, а оние со ист број на бодови се рангираат според времето и датумот на поднесувањето на апликацијата.

Барателите несмеат да почнат со реализација на инвестицијата пред потпишување на договорот за ко-финансирање со Платежната агенција.

Методија Трајков