Продолжува битката за Донбас, напад и врз Киев
124 ден од војната во Украина. Главниот град повторно на удар на руските сили. Владата во Киев тврди – Москва покажува сила додека западот се обидува да и изврши уште поголем притисок. Русија и Белорусија ја зголемуваат воената соработка. Шефот на Кремљ, Путин, наскоро во посета и на Таџикистан и Туркменистан...

Размена на ракетни напади меѓу Русија и Украина, продолжува битката за Донбас. Во Киев погодена станбена зграда. Има загинати и повредени. Жртви и во Черкаси. Преку реката Дњепар урнат мост. Проруските сили во Луганск тврдат дека евакуирале цивили од фабриката „Азот“ во Северодоњецк. Службата за вонредни ситуации на Крим изјави дека под оган била и нафтената платформа на руската компанија „Черноморњефтгас“. Ракети паднаа и во Харков.
„Имам 91 година. Како да издржам кога гледам како ги убиваат децата кои ги подучував со години?“.
„Непријателот повторно го нападна Киев. Ракетирањето предизвика три пожара, сите гранатирања беа во населени области“, изјави Евгениј Васлинеко, портпарол на Службата за кризни ситуации“.
Киев го обвинува Кремљ за демонстрирање сила пред западните земји. На европскиот континент неделава се зголемуваат напорите за зајакнување на воената и економската поддршка за Украина. Москва добива поддршка од соседна Белорусија каде што се распоредени руски единици кои сè уште не ја преминале границата. Лидерите на овие две земји, Путин и Лукашенко договорија испорака на проектилен систем Искандер-М.
„Би сакал да им се обратам на граѓаните на Белорусија, и на цивилите и на униформираните. Вас ве вовлекуваат во војна. Дури и поактивно од февруари и пролетните месеци. Кремљ одлучи за вас. Вашите животи не им значат ништо“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин наскоро оди во посета на Таџикистан
и Туркменистан. Тоа ќе биде првото патување во странство од стартот на инвазијата.
Маја С. Филдишев
