Бугарија: Петков ја достави оставката до Собранието
Петков ја достави оставката до Собранието. Претседателот Радев ги почна консултациите со пратеничките групи. Првиот мандат Радев треба да го додели на „продолжуваме со промената“. Според информациите од Софија, можни се две сценарија – или партијата на Петков ќе формира нов кабинет или ќе има избори. Според анкетата на „Галуп“, речиси 60 насто рекле дека со францускиот предлог не се штитат бугарските интереси...

Петков преку курир ја достави оставката од премиерската позиција до Народното собрание. Коалициската Влада опстои нешто повеќе од шест месеци. Минатата недела мнозинството пратеници му изгласаа недоверба, откако „Има таков народ“ на Слави Трифонов излезе од Владата. Претседателот Радев ги почна консултациите со пратеничките групи. Според бугарскиот устав, во Парламентот се можни три обиди за формирање на кабинетот. Првиот мандат Радев треба да го додели на „Продолжуваме со промената“ на Петков, како најголема пратеничка група. Извесно е дека тој повторно ќе биде предложен за премиер. Ако не успеат да обезбедат мнозинство за нова влада, шанса добиваат ГЕРБ-СДС, но од партијата на Борисов велат дека мандатот веднаш ќе го вратат. Кому ќе го довери третиот мандат, решава Бугарскиот претседателот. Ако и тогаш не се формира мнозинство, Радев назначува преодна влада, го распушта Собранието и распишува предвремени избори.
„Ако претпоставиме дека четирите формации кои можат да формираат влада се ПП, БСП, ДБ и итн., прашање е дали ќе се разбереме, не е прашање дали тоа ќе го направиме со првиот или третиот мандат. Се надевам дека национално одговорното однесување ќе надвладее“, изјави Александар Ракшиев, од „Продолжуваме со промената“.
„Две сценарија – или ќе се формира кабинет со првиот мандат на „Продолжуваме со промените“ или ќе има избори“, вели Антоанета Цонева од „Демократска Бугарија“.
„Продолжуваме со промената“ има предност пред ГЕРБ, а со францускиот предлог за прашањето за Македонија не се почитувани интересите на Бугарија. Ова се дел од заклучоците на телефонската анкета на репрезентативен примерок од 800-ни граѓани, спроведена од 23-ти до 25-ти јуни. 48,1 насто го одобруваат, а 50,5 се против недовербата на Владата на Петков. 58 насто од анкетираните се оптимисти дека ќе се формира Влада во овој пратенички мандат, наспроти 40,6 кои сакаат избори. Речиси 60 насто рекле дека со францускиот не се штитат бугарските интереси. А неделава е клучна за македонските евроинтеграции. Во Владата сè уште има оптимизам дека до крајот на француското претседателство ќе се надминат недоразбирањата со Бугарија.
Милчо Велески
