Партизацијата на институциите ги поттикнува корупцијата и криминалот
Партизацијата на судството придонесе за селективност при примената на законите, нефункционалност и ендемска корупција која го кочи развојот на општеството. Високото ниво на криминал кој е вгнезден во сите пори на општествениот живот е најголема пречка за нивно функционирање поради што повелбите на законот тешко стигнуваат до граѓаните. Ова беше речено во текот на првиот ден од Охридската школа на природно право на која учество зедоа врвни експерти од земјава...

Начелото на поделба на власта е нарушено поради што судската власт е во сенка, собраниската власт се остварува со редица слабости, а доминира извршната власт. Поради тоа граѓанинот е ставен во функција на поданик на определена партија и слеп послушник на налозите на партиските врхушки. Ова на 7-та сесија на Охридската школа на природно право го рече академик Владо Камбовски при што посочи дека партиите треба да го спуштат перископот и да го сменат својот однос кон општеството по 30 години тесни, партиски и идеолошки интереси.
„Партизацијата на сите институции во општеството,заробената држава за која ние зборуваме веќе неколку години и неуспеваме до крај да излеземе од статусот на заробена држава или хибриден режим или според овие оценки што доаѓаат од меродавни институции и од ЕУ и меѓународната заедница. Систем на кој една мана,длабока рана, малигно ткиво му е проблемот со владеењето на правото“, изјави академик Владо Камбовски.
„Ќе мора да се одважиме еднаш како општество,да подзастанеме малку, да го коригираме она што претставува системска слабост на имплементација на законите или на неселективна примена. Јас верувам, убеден сум дека деновиве, годиниве што доаѓаат пред нас имаме вистинска шанса да покажеме дека сме решителни, одлучни во однос на промена на климата“, изјави Никола Тупанчески, министер за правда.
Неопходни се реформи во дефинирањето на Уставниот суд и изборот на уставните судии бидејќи тие треба да бидат правници со врвен авторитет, знаења и без политички или партиски влијанија.
„Уставниот суд е над начелото на поделба на власта, врзан е исклучиво за уставот. Зошто Уставниот суд не делува во таа насока тоа е веќе проблем со профилот на судиите. Судиите во Уставниот суд доаѓаат на предлог на политичките партии, секоја партија се бори да има свој уставен судија за да може таквиот Уставен суд да ја штити корупцијата и криминалот на политиката“, изјави проф.д-р Светомир Шкариќ.
На денешната сесија на тема „Одржување на демократско општество преку зајакнување на неговите институции“ преку видеолинк во дискусијата се вклучи и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз.
Сашо Нелоски
