Енергетика

РКЕ оваа недела ќе ги соопшти цените на блоковите и ниските тарифи

27.06.2022 16:31

Подготвителна седница за блок-тарифите за потрошувачката на струја на домаќинствата. Кој ќе троши повеќе тој ќе плаќа повеќе, вели Бислимовски. В среда ќе се знае новата цена на електричната енергија...

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика ги објави предлог блок тарифите по кои ќе се плаќаат сметките за потрошена електрична енергија – првиот блок е до 210, вториот до 630 киловати, трета тарифа од 631 до 1.050 киловати и последниот блок над таа граница. Како што појасни Бислимовски со зголемување на границите на блоковите во првите три ќе блока ќе бидат опфатени околу 99 насто од домаќинствата и малите потрошувачи. Најави дека текот на оваа недела, односно најверојатно в среда ќе се знае колку ќе изнесува цената на блоковите. Ќе важат исклучиво за време на скапата тарифа, од 7 до 22 часот. Евтината тарифа продолжува како досега.

Се очекува во четвртиот блок потрошувачите да плаќаат цена блиска до пазарната или над 100 насто повисока отколку во првите три блока, појаснуваат експертите.

Од ЕВН Хоме посочија дека немаат забелешки на тарифниот систем, но ќе имаат обврска позачестено да ги отчитуваат броилата за да има реален приказ на состојбите во потрошувачката.

Во земјава има околу 736.000 активни броила на домаќинствата и околу 65.000 броила на малите потрошувачи. Цената по која граѓаните ќе ја плаќаат струјата по 1-ви јули годинава ќе зависи од тоа колкаво покачување ќе побара универзалниот снабдувач ЕВН Хоме. ЕСМ, од чија понуда најмногу зависи цената, во петокот понуди цена од 48 e/MWh на тендерот за снабдување на универзалниот снабдувач со електрична енергија за потребите на регулираниот пазар, што е зголемување од седум евра во однос на минатогодишната цена од по 41 евро за мегават-час.

Игор Панов