Рекорден шести триумф на ИКАС за Николовски
По двегодишна пауза, Атанас Николовски се врати во голем стил на кајакарските патеки.
Најдобриот македонски кајакар триумфира на 46 издание на Илинденскиот кајак слалом ИКАС 2014 со резултат 1 минута, 34 секунди и 36 стотинки и дојде до својот шести триумф на најпрестижниот натпревар во регионот. Времето на победникот е за речиси три секунди подобро од она на Хрватот Марко Маркочи, кој имаше и два казнени поена, кој пак за само две стотинки беше подобар од својот сонародник, треторангираниот Динко Мулиќ. Меѓу десеттемина во финалето настапија уште тројца Македонци. Огнен Бражански беше седми, пред Борче Мирчевски и Игор Стефановски, кои се пласираа на 8 и 9 позиција.
На дводневните натпревари на ИКАС 2014 учествуваа 70 натпреварувачи од 9 земји, а во сите други дисциплини победија Словенците. Во женска конкуренција во К1 победи Ања Козирог, која беше најдобра и во Ц1, Жига Таљат победи во Ц1, додека во Ц2 најуспешна беше поставата на Словенија.
