Тела на 46 мигранти пронајдени во приколка на камион во Тексас
Во приколка за камион во Сан Антонио, во сојузната американска држава тексас пронајдени 46 тела на мигранти. 16-мина биле пронајдени живи и однесени во болница. Меѓу нив има и четири деца. Преживеаните биле жешки на допир и страдале од топлотен удар и исцрпеност, информираа надлежните...

Тела на 46 мигранти се пронајдени во приколка на камион во Сан Антонио, Тексас. Поради топлотен удар и исцрпеност беа хоспитализирани 16 луѓе, вклучувајќи и малолетни лица. Камионот бил паркиран крај железничка пруга во пуст предел на јужното предградие. Полицијата добила дојава од лице кое работело во близина, кое откако слушнало повици за помош, стигнало до камионот чијашто врата била делумно отворена. Иако приколката функционирала како ладилник, во возилото не бил активиран клима-уредот.
„Да дојдеш и да умреш, ужас. Шокирана сум. Жал ми е за луѓето“.
„Не ми е јасно како возачите прифаќаат да земат луѓе само за да заработат некоја пара. Никогаш не би постапил така, дури и да има клима-уред внатре. Во ваквите камиони кои немаат ладење, ако е надвор 37 степени, внатре има околу 50 степени. Плус се без вода, воздух, без ништо. Не разбирам како можат возачите да го прават ова“.
За инцидентот, кој се смета за еден од најсмртоносните во трговијата со луѓе на границата со Мексико, полицијата приведе тројца. Во последните месеци е регистриран рекорден број смртни случаи на преминот.
„Факт е дека маките на мигрантите кои бараат засолниште се хуманитарна криза, но ова е ужасна човечка трагедија. Повикувам на сочувство, молитва за починатите, повредените, семејствата. Се надеваме дека одговорните лица кои ги изложиле луѓево на вакви нехумани услови ќе бидат изнесени пред суд“, изјави Рон Ниренберг, градоначалник на Сан Антонио.
Многумина, вклучувајќи го и мексиканското МНР вината ја гледаат во мигрантската политика на администрацијата на Вашингтон. Иако претседателот Бајден не користи агресивна реторика за ова прашање како неговиот претходник Трамп, демократот не успеа да го исполни ветувањето за легализација на милиони илегални мигранти. Според нив, не создал ни побезбедна граница ни подобар миграциски систем.
„Не ја обезбедија границата, на власт се 17 месеци, а бројките се влошуваат. Зошто? Тие ги поканија овде, знаат дека ќе бидат пуштени, немаат стратегија за границата. Но ова е плански, ние го викаме „криза“, но не и тие. Сакаат отворени граници, но не презедоа ништо за да го забават бранот“, рече Том Хомен, поранешен в.д. престедател на Агенцијата за имиграција и царина (ИЦЕ).
Во истиот град во 2017 година, десет мигранти се задушија во камион пред „Волмарт“. Во 2003 година, 19 беа најдени југоисточно од Сан Антонио.
Маја С. Филдишев
