Здруженијата на дијабетичари бараат промена на моделот за набавка на глукомери
Здруженијата на дијабетичари побараа од премиерот Ковачевски да биде заокружена постапката за промена на моделот за набавка на глукомери и ленти и да бидат со референтни цени достапни во сите аптеки. Заради тоа потребно е да се одделат двете тендерски постапки за инсулинска и друга антидијабетична терапија и за други медицински помагала. Тоа се очекувањата на 45 илјади граѓани во земјава, велат. Инсистираат на промена на системите за континуирано мерење гликемија кај децата и младите до 18 години...

Пред три месеци поднеле барање за промена на моделот за набавка на глукомери и ленти, а од канцеларијата на премиерот ги известиле дека постапката ја почнале и дека се чека на министерот за здравство, се пожалија од Сојузот на здруженијата на дијабетичари. Но, со министерот изостанала секаква комуникација. Повторно упатија барање до премиерот Ковачевски да се заокружи постапката за промена на моделот бидејќи се работи за 45.000 лица кои имаат право на квалитетна терапија и на квалитетни медицински помагала, рече Велев.
Во земјава има 600 деца до 18 години, односно деца и адолесценти со тип 1 дијабетес, а вкупно пет илјади лица со овој тип кои се комплетно зависни со инсулин. Не само во детската популација туку и воопшто ковид-от влијаел многу за порастот на лица особено со тип 1 дијабетес, велат од Сојузот.
Покрај гестациски дијабет веќе имаме и постковид дијабетес и во светски рамки и во земјава, велат, но се надеваат дека тој ќе биде времен слично како и гестацискиот.
Фиљана Кока
