Руско-украински конфликт

Зеленски: Рускиот проектил намерно погоди трговски центар

29.06.2022 11:13

Заврши потрагата по преживеани во трговскиот центар во Кременчук. Москва тврди дека центарот не работел, а цел на нападот било складиште со оружје крај објектот. Додека западните земји го зголемуваат притисокот врз Москва, шефот на Кремљ тргна на своја дипломатска мисија во регионот...

Заврши потрагата по преживеани во трговскиот центар во Кременчук. Градот во централна Украина беше ракетиран од руските сили кои продолжуваат да ги интензивираат нападите и на истокот. Москва тврди дека центарот не работел, а цел на нападот било складиште со оружје крај објектот. Во ракетирањето загинаа 18 луѓе.

„Рускиот проектил намерно го погоди овој објект. Јасно е дека е наредба. Јасно е дека руските убијци ги примиле координатите за овој проектил. Сакаат да убијат што е можно повеќе луѓе во еден мирен град, во еден обичен трговски центар“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

„Како резултат на детонација на оружје беше опожарен празен трговски центар во околината. Колку повеќе праќаат оружје со кое се пролонгира конфликтот, страдањето на цивилите кои постојано живеат под ракетите на украинскиот неонацистички режим, толку повеќе задачи ќе извршуваме“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

И, додека западните земји го зголемуваат притисокот врз Москва, шефот на Кремљ тргна на своја дипломатска мисија во регионот. Таџикистан е првата земја која ја посети рускиот претседател Владимир Путин по стартот на конфликтот со Украина. Таму се распоредени 7.000 руски трупи, па земјата се смета за најголемата база на Москва во странство. На средбата со неговиот колега од Емомали Рамон, меѓу другото, разговараше и за Авганистан. Шефот на Кремљ се обидува да ги подобри односите со талибанската влада, иако, Талибанците официјално ги третира како терористичка група.

„Знаете дека правиме сè за да се нормализира ситуацијата. Се обидуваме да изградиме релација со политичките сили кои ја контролираат ситуацијата“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Следна дестинација е Туркменистан, втората поранешна советска земја од Централна Азија.

Маја С. Филдишев