Патничките возови на Македонски железници доцнат со часови
Со часови се мери задоцнувањето на поголемиот број од патничките возови во земјава, последните десетина дена. Од железница велат причина се високите температури кои ја ограничуваат брзината, патниците укажуваат, возовите се расипуваат...

Изминатите десетина дена, поголем дел од патничките возови на Македонски железници возат со големо задоцнување. За ова посочуваат патниците и нивните реакциите се жестоки. Тие се лути, бидејќи доцнењето не е повеќе во минути, туку во часови. Велат, патувањето е како авантура, не знаеш кога ќе тргнеш, ниту кога ќе стигнеш.
И додека патниците се лути поради големото задоцнување, и објаснуваат дека има случаи на расипани возови, кои стојат со часови по пругите, од МЖ Транспорт наоѓаат оправдување во високите температури и претпазливото возење.
„Задоцнувањата се директно и индиректно поврзани со ограничувањата на брзината на возовите на пругите на македонските железници од страна на ЈП Инфраструктура, поради високите летни температури. Тоа значи дека од 12 до 19 часот сите возови сообраќаат со максимална брзина од 50 км/час, а од 19 часот до следниот ден до 12 часот со70 км/час. Продолжените возни времиња го зголемуваат времето на патување, ги скратуваат технолошки предвидените времиња во обртни станици и го нарушува возниот ред на возовите, што само по себе доведува до помали или поголеми задоцнувања на овие возови“, велат од Мж Транспорт.
Од година во година се намалува бројот на патници кои ги користат услугите на Македонски железници. Ако до пред десетина години железничката станица во Велс беше најпрометна со неколку илјади патници, сега тој е осетно намален.
На поставеното прашање кога ќе продолжат со сообраќај патничките возови до Кочани и Кичево, кои една година не сообраќаат, од МЖ Транспорт не одговорија.
Петар Печков
