Македонија

КЗБ констатира раст на бројот на позитивни случаи со Ковид-19

29.06.2022 13:58

По два месеца пауза, Комисијата за заразни болести ја анализираше состојбата со коронавирусот. Раст на бројот на позитивни случаи на коронавирус за над 60 проценти во однос на минатата недела...

Раст на бројот на позитивни случаи на коронавирус за над 60 проценти во однос на минатата недела, но нема зголемување на бројот на хоспитализации. Во моментов се хоспитализирани 10 пациенти со Ковид-19. Нема зголемување на бројот на смртни случаи.

По два месеца пауза, Комисијата за заразни болести ја анализираше состојбата со коронавирусот. Засега нема препорака за рестриктивни мерки. Оттаму посочуваат дека внимателно ја следат состојбата и дека во зависност од промените ќе донесат соодветни мерки.

Здравствените власти потсетуваат на обврската за задолжително носење на маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз. Дополнително, препорачуваат граѓаните да бидат совесни и да го заштитат здравјето применувајќи ги мерките за заштита, како што се носење заштитна маска, одржување растојание и почесто миење раце. Инаку, бројот на активни случаи е 648.

И во нашата земја, но и на европско ниво се регистрира зголемен број на пациенти со Ковид-19 што се должи на новите омикрон соеви кои се позаразни и умеат да го заобиколат веќе стекнатиот имунитет.

Според лекарите, тешко е да се предвиди како ќе се развива ситуацијата.

Александра Спировска