Енергетика

Од 1-ви јули струјата за домаќинствата поскапува за 7,4 отсто

29.06.2022 16:29

Цената на струјата од први јули во просек се зголемува за 7,4 насто. Доколку не беше новиот тарифен систем, ќе беше повисока за 17,74 проценти, вели првиот човек на Регулаторна комисија, Бислимовски …

За 98,8 отсто од домаќинствата просечната цена на струјата ќе се зголеми за 7,4 отсто, соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Бислимовски. Ако не беа воведени блоковите, оваа цена ќе беше зголемена за 17,74 проценти. Само 0,7 проценти од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8 до 11,3 отсто и 0,2 отсто од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4 до 100 отсто, велат од регулаторна.

Бислимовски соопшти и дека енергетските компании побарале значителни зголемувања на тарифите за нивните услуги, но Комисијата не ги прифатила сите нивни барања и одобрила многу помали проценти.

Трошоците за набавка на електрична енергија на ЕВН ХОМЕ на годишно ниво се зголемени за 57,4 милиони евра, во однос на планираното од декември 2021 година, заради враќањето на голем број компании и јавни институции од либерализираниот на регулираниот пазар на електрична енергија, заради што ЕВН ХОМЕ мораше да направи дополнителен увоз на електрична енергија во износ од 33,2 милиона евра.

Со укинување на кризната состојба, ЕВН ХОМЕ има и дополнителен трошок за обновливи извори за енергија во износ од 9,5 милиони евра. Дополнително, новата цена на електрична енергија што ЕСМ му ја испорачува на ЕВН ХОМЕ е зголемена за 17 отсто, од 41 евра за мегават час на 48 евра, наведуваат од Регулаторна комисија.

Игор Панов