Со победата од 29-27 над Мешков Брест во финалето на турнирот во Нови Сад

Вардар - суверен владетел во СЕХА регионот

13.04.2014 20:39

Македонскиот ракометен првак Вардар е шампион на СЕХА Лигата. Вториот трофеј во третата сезона од постоењето на регионалната конкуренција „црвено-црните“ го кренаа по вечерашниот триумф над Мешков Брест од 29-27 во финалето на завршниот турнир на четирите најдобри екипи во Нови Сад.

Белорускиот претставник беше и повеќе од сериозен конкурент во пресметката за пехарот, со тоа што даваше жилав отпор во две третини од натпреварот. Беше во позитива во поголем дел од првото полувреме, а на одмор замина со 15-14. Првото водство Вардар го стекна дури во 39.минута (19-18) по што на индивидуален, но и на тимски квалитет без проблеми ја одржа резултатската предност и на крајот го врати приматот во СЕХА. 

Тимур Дибиров беше најдобар поединец на финалниот дуел со 11 гола, Алекс Душебајев и Игор Карачиќ постигнаа по четири, а Немања Прибак даде три погодоци за Вардар. Дионис Рутенка со седум и Растко Стојковиќ со шест гола беа први имиња во редовите на Мешков.

Пред две години во Загреб нашиот тим беше освојувач на пехарот во дебитантската СЕХА сезона, лани во Скопје и го препушти на најдобрата хрватска екипа, а сега одново се закити со одликувањето, само на една недела пред првиот дуел од четвртфиналниот двомеч со Флензбург во Лигата на шампионите.

Третото место на завршниот турнир во Нови Сад му припадна на хрватскиот првак Загреб. Во утешниот дуел на двете поразени  екипи од завчерашното полуфинале, Загреб беше убедлив против словачки Татран Прешов со 36-28.

Со значително подобро издание отколку во петокот против Вардар, Хрватите му дозволија на Татран да биде рамноправен на теренот едвај десетина минути. На полувреме направи значителни 18-12, по што продолжи во висок ритам и во продолжението. На две минути пред крајот ги имаше и највисоките плус 11, 36-25, по што Татран со три гола го направи поразот нешто поподнослив.

Најдобар играч на Загреб беше Иван Обрановиќ со 11 постигнати гола, додека голманот Иван Стевановиќ имаше 13 одбрани. Кај Татран со по шест гола најпрецизни беа Оливер Рабек и Даинис Кристопанс, којшто со вкупно 114 погодоци сезонава е најдобар стрелец во оваа трета сезона на СЕХА.