Доживотен затвор за единствениот преживеан терорист од нападите во Париз
Салах Абделслам, единствениот преживеан од групата екстремисти на Исламска држава што го организираше нападот во Париз пред седум години во кој беа убиени 130 луѓе, е осуден за тероризам и убиство. Изречената казна е јасна и силна порака, велат дел од преживеаните во нападите...

Салах Абделслам, единствениот преживеан од групата екстремисти на исламска држава што го организираше нападот во Париз пред седум години во кој беа убиени 130 луѓе, е осуден за тероризам и убиство. Доби доживотен затвор без условна слобода. Судот осуди и 19 други лица, од кои, шест се верува дека веќе не се меѓу живите.
„За примената на законот во однос на криминалниот заговор, разочарани сме затоа што доаѓаме до точка каде што намерата не е ни докажана“, изјави Ксавиер Ногуерас, адвокат на обвинетиот Мохамед Амри.
За дел од преживеаните изречената казна испраќа јасна и силна порака.
„Тоа е исклучително јасна порака што е испратена до луѓето кои се во искушение од радикалниот исламизам бидејќи, завршуваат или доживотно затворени или се соочуваат со казни што одговараат на нивната вмешаност во вакви настани“, изјави Оливие Фишер, преживеан од нападот на барот Карилон.
На почетокот на судењето, Абдеслам се опиша себеси како „војник“ на таканаречената исламска држава. Подоцна им се извини на жртвите, велејќи во својот завршен збор пред судот дека не е убиец и дека би било „неправедно“ доколку биде осуден за убиства.
„Абдеслам побара помилување и плачеше. Мислам дека не е можно да му се додели, затоа што не искажа вистинско каење“, рече Џорџ Салинс , татко на жртва во нападот на Батаклан.
Абдеслам за време на судењето тврдеше дека решил да не го активира самоубиствениот елек ноќта на нападот и дека го фрлил некаде во предградието на Париз. Составувајќи делови од приказната за најтешкиот напад во Франција по втората светска војна, дел семејствата на убиените зборуваа пред судот.
„Што и да правиме, тоа никогаш нема да ги врати оние што загинаа, да оставиме правдата да ја заврши својата работа“, Бруно Понсет, преживеан од Батаклан.
„Ранет сум покрај мојот син кој тогаш имаше 13 години и братучедот кој почина на терасата помагајќи и штитејќи ги неговите пријатели со кои славеше роденден. Се обидоа да ја нападнат нашата демократија, но не успеаја, не направија посилни, поцврсти“, Билал Моконо, ранет преживеан од напад пред Стад де франс.
Судењето, најголемото во поновата француска историја, почна во септември минатата година. Нападите доведоа до засилена француска воена акција против екстремистите во странство и трајна промена во безбедносната положба на Франција дома.десетици луѓе беа убиени, а стотици беа повредени во напади во барови, ресторани, стадиони и концертната сала Батаклан на 13 ноември 2015 година.
Бојана Крстевски
