Бугарските социјалисти нема да поддржат нова Влада, доколку Петков е мандатар
Бугарските социјалисти одбиваат да дадат поддршка на нова Влада, доколку Петков е мандатар. Причина, протерувањето на 70 руски дипломати. Петков појаснува дека одлуката не ја донел тој. Радев, утре попладне ќе го додели мандатот на кандидатот за премиер од „Продолжуваме со промената“, партијата со најмногу пратеници во Собранието...

Бугарските социјалисти нема да поддржат нова Влада, доколку Петков е мандатар. Причина, протерувањето на 70 руски дипломати од Бугарија. Петков и Нинова одржаа ненадејна средба, по барање на лидерот на „Продолжуваме со промена“. Ваквиот став на БСП би можел уште повеќе земјата да ја приближи до нови избори на есен, четврти од април 2021. Социјалистите протерувањето на дипломатите поради сомнеж за шпионирање го сметаат за неприфатливо.
„Ќе се вратиме на масата за преговори кога „Продолжуваме со промената“ ќе предложи друг кандидат за премиер. Ги прекинуваме сите преговори за формирање нова влада. Одлуката за протерување 70 руски дипломати е апсурдна и ја сметаме за целосно неприфатлива“, изјави Корнелија Нинова, претседателка на БСП.
Петков појаснува дека одлуката е донесена по седницата на Државниот совет за безбедност на 9-ти јуни и врз основа на три извештаи на тајните служби од мај и јуни. Одлуката не ја донесов јас, изјави Петков пред новинарите.
„Го продолживме разговорот. Она што требаше да биде јасно е дека немаше единствена одлука за протерување на дипломатите. Очигледно беше дека периодот почна во март. Единствената грешка што можеби ја направив, беше комуникациската презентација на настаните. Мораше да излезе од и во согласност со институциите кои работеа на оваа теза“, изјави Кирил Петков, претседател на „Продолжуваме со промената“.
Претседателот Радев, одби да го коментира протерувањето, велејќи дека нема доволно детални информации, но кажа дека се надева оти Петков ги зел предвид можните последици. Шефот на државата утре попладне ќе го додели мандатот на кандидатот за премиер од „Продолжуваме со промената“, најголемата пратеничка група во Собранието. Петков се обидува да собере мнозинство за нова влада, откако минатата недела му беше изгласана недоверба. А, официјална Софија молчи за францускиот предлог. Официјален предлог за кревање на ветото нема ниту македонската Влада. Завршува 6-месечното претседавање на Франција со ЕУ. Претседателството од утре го презема Чешка.
Милчо Велески
