Економија

Стопанска комора: Проект за следење на стоките на Табановце

30.06.2022 14:57

Следење на протокот на стоки на граничниот премин Табановце, царински и полициски контроли, ветеринарна и фитосанитарна инспекција – проект на Стопанската комора. Целта е да забрзаат процедурите и да се намали времето на задржување на границите на товарните превозници...

„По утврдување на состојбите, ќе иницираме евентуална промена на регулативи или други решенија, зависно од согледаните проблеми. Времето на задржување на камионите е многу важно, но во нашиот фокус е процесирање на документи, нивна обработка, сертификати за стоката, земање мостри, анализи. Тоа ќе ни овозможи креирање соодветни предлози за промени и поголема ефикасност на процесот“, рече извршната директорка на Комората, Пеева – Ѓуриќ.

Таа објасни дека Табановце е избран за прв премин зашто е најфреквентен, но нема да биде и единствен. Вакви „контроли“ Комората планира да спроведе и на другите гранични точки, а следна веројатно ќе биде Ќафасан.

Ефикасното преминување на границите е клучно поради многу поголеми трошоци при долго чекање. Според Димовска, од Комората, нашите служби се поефикасни во регионот и од некои европски држави при издавањето на документите.

Во првиот квартал од годинава, обемот на размена со Србија е зголемен за 26 насто. Извозот е зголемен за 34 проценти, а увозот расте 23 насто.

Игор Панов