Тетово

Зголемен број на амбулантски прегледи на лица со симптоми на Ковид-19

30.06.2022 17:17

Се зголемуваат амбулантските прегледи во клиничката болница во Тетово на лица со симптоми на Ковид-19. Последниве неколку дена повеќе од нив позитивни на вирусот. Ситуацијата е сериозна и треба да се следи. Подваријантите на Омикрон сојот можат да наштетат на дишните патишта, а тоа ќе ги наполни болниците со пациенти, велат здравствените работници...

Се повеќе пациенти со симптоми на Ковид-19. Дневно во амбулантата при клиничката болница во Тетово се испитуваат до дваесетина лица. Голем дел од нив добиваат позитивни наоди на вирусот.

Слободните болнички кревети не треба да не опуштат. Особено сега, кога поради топлото време сме во затворени простории, без соодветна вентилација, велат здравствените работници.

Загрижува и фактот што следи период на пристигнување на печалбарите, кои можат за кратко да го рашират вирусот.

Сериозна е подваријантата на Омикрон сојот БА 5 кој може да ги погоди дишните патишта,а со тоа да се наполнат болниците со пациенти, вели доктор Ефкоски.

Граѓаните поделени. Некои сè уште не веруваат во вирусот, други пак велат дека маската ќе ја носат додека не заврши пандемијата.

Проблемот лежи и во недостигот на здравствената култура кај населението, на која треба да се обрне поголемо внимание, ако сакаме да го заштитиме јавното здравје, додава доктор Ефкоски.

Зоран Димовски