Охридско - струшки регион

Угостителските работници од Охрид и Струга на печалба во Хрватска

30.06.2022 17:58

Голем број вработени во угостителскиот сектор од охридско - струшкиот регион ова лето на печалба на Јадран. Еден од нив е готвачот Никола Петрески од Струга, кој за МРТ раскажува како е да се работи во Хрватска во споредба со Охрид и Струга...

Голем број работници од охридско - струшкиот регион оваа сезона печалат на Јадран. Готвачот Никола Петрески од Струга е еден од нив. Ја затвори својата мини работилница за оброци и пред три месеци се пресели во Хрватска. Вели на хрватското крајбрежје секојдневно пристигнуваат нови вработени од нашата земја.

„Платите за келнер со платен оброк и сместување се движат од 800 до 1.100 евра, за готвач или главен готвач од 1.800 до 3.000 евра. Се е поголем бројот, бидејќи според мене условите тука се поинакви. Навистина е можеби поскапо за живот, но се е поинаку. Дури и јас размислувам да останам тука за живеење“, вели Никола Петрески готвач од Струга.

Пресудно за масовното иселување на стручниот кадар од угостителскиот сектор изминативе две години е повисоката плата. Велат со една сезона во Хрватска ја заработуваат годишната плата во Македонија.

„Се случи масовно иселување на угостителски сектор најмногу поради работодавците кои не даваа во Македонија поголема плата од 800 евра. Овде е сосема друго голема е разликата сите дојдовме поради финансискиот дел“, вели Петрески.

Хотелиерите и угостителите на брегот на Охридското Езеро ова лето мака мачат да најдат персонал, сезоната е во ек а работна сила нема. Нема интерес ниту за проектот на ХОТАМ за дополнително сезонско вработување во угостителскиот сектор, недостигаат над 1.000 работници.

Соња Рилковска