Владата ќе расправа за францускиот предлог
Убеден сум дека најдовме компромисно решение, тврди францускиот претседател Макрон. Во Владата пристигна францускиот предлог, ќе има консултации со државниот и со политичкиот естаблишмент во земјава...

Новиот, изменет француски предлог за решение на спорот меѓу Македонија и Бугарија пристигна до македонската Влада. Оттаму соопштуваат дека во рамките на новиот предлог се земени в предвид македонските јавно искажани идеи и сугестии за надминување на спорот.
Од Владата велат дека во врска со предлогот ќе започне еден широк консултативен процес, најпрвин внатре во Владата и со коалициските партнери, потоа со претседателот на државата, со Парламентот, со опозицијата и со експертската јавност и граѓанското општество. Од Владата уверуваат дека секое евентуално решение ќе биде донесено заеднички, земајќи ги в предвид стратешките интереси и определби на Македонија.
Од "Илинденска 2" упатија и благодарност до француското претседателство и претседателот Макрон за вложените напори за надминување на спорот и отворање на европскиот пат на Македонија. Макрон од Мадрид пак, со оптимистички став, информира дека во текот на денов имало консултации и со македонските и со бугарските власти и е уверен дека предлогот е прифатлив за двете страни.
„Врз основа на овие консултации, јас сум уверен дека најдовме компромисно решение кое одговара на чувствителноста на двете страни и на Македонија и на Бугарија и е прифатлив за сите. И се надевам дека разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди тоа. До сега, премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат францускиот предлог и следните денови ќе има дополнителни консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, праведност и осигурување дека минатото може да се надмине“, изјави Емануел Макрон.
На иста линија е и претседателот на Европскиот совет Мишел, кој на Твитер напиша дека сме поблизу до решение од било кога и дека било време да се каже „да“.
Марија Котовска
