Македонија

Ковачевски: Отвораме процес на широки консултации

01.07.2022 09:31

Во Владата денеска ќе се одржи средба на владината коалиција на која ќе се разгледува францускиот предлог. Предлогот од француското претседателство во интегрална форма ќе биде објавено денеска на официјалната владина веб-страница по средбата со владината коалиција...

Во Владата денеска ќе се одржи средба на владината коалиција на која ќе се разгледува францускиот предлог.

Предлогот од француското претседателство во интегрална форма ќе биде објавено денеска на официјалната владина веб-страница по средбата со владината коалиција, најави претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

„Како што ветив, отвораме процес на широки консултации. Денес во 11:00 часот во Владата ќе се одржи средба на лидерите на партиите од владината коалиција на која ќе се разгледува предлогот на француското претседателство. Веднаш по средбата, предлогот во интегрална форма ќе го објавиме на официјалната веб страна на Владата“, напиша на својот профил на Фејсбук премиерот Димитар Ковачевски.

„Во текот на денот, покрај средбата со коалицијата, ќе се одржат низа консултации и разговори со експертската и стручната јавност како и медиумите. Како што веќе најавив вчера целиот процес ќе се одвива транспарентно, а јавноста во детали ќе биде запознаена со сите следни чекори. Повикувам на одговорност од сите релевантни чинители во општеството, шпекулации за важни државни и национални прашања не одат никому во прилог. Оттука, апелирам до сите политички актери и медиумите да се потпираат на официјалните информации од институциите. Барам конструктивност и поддршка од сите чинители за да донесеме мудра одлука во интерес на сите граѓани“, напиша Ковачевски.