Бугарија

Асен Василев е новиот кандидат за премиер на Бугарија

01.07.2022 11:51

Пресврт на бугарската политичка сцена, Кирил Петков отпадна од трката за мандатар. Нов предлог на „Продолжуваме со промената“ е Асен Василев, вицепремиер и министер за финансии во претходната бугарска влада. Бугарските социјалисти и „Има таков народ“ условуваат - повлекување на одлуката за протерување руски дипломати. Претседателот Радев, попладне ќе го довери мандатот...

Асен Василев е новиот кандидат за премиер од „Продолжуваме со промената“. Во претходната влада на Петков, беше вицепремиер и министер за финансии.

Тој е човек во кој имам апсолутна доверба, со кого ја започнавме борбата рамо до рамо. Време е да ги засукаме ракавите и да си ја завршиме работата, изјави Петков. Имаме разлики со БСП за меѓународни прашања, имаме лични несогласувања со некои од пратениците на „Има таков народ“, но ништо не може да биде поважно од просперитетот на Бугарија и да се продолжи напред со промената, истакна Петков, претседател на „Продолжуваме со промената“.

„Бугарија е на историски крстопат. Мораме да одиме напред. Најважните реформи за државата мора да се спроведат за 6 месеци. Да се обединиме во име на европската иднина на Бугарија. Нема поважна функција или позиција од оваа задача. Имам несомнена доверба во Асен Василев. Рамо до рамо со него ја почнавме промената. Ви ветувам дека рамо до рамо ќе ја завршиме“, изјави Петков,

Претходно, Бугарските социјалисти, клучен коалициски партнер во претходната влада со став – нема поддршка за нова влада, доколку Петков е мандатар. Причина,протерувањето на 70 руски дипломати од Бугарија. И од „Има таков народ“ го условија евентуалното партиципирање во извршната власт само ако мандатари не бидат, ниту Петков, ниту Василев.

Претседателот на Бугарија Радев, ќе го врачи мандатот на новиот кандидат од „Продолжуваме со промената“, партија со најголема пратеничка група во Народното собрание.

Во Парламентот тензии. Причина, отсуството на премиерот во оставка Петков. Пратениците од опозицијата побараа објаснување за протерувањето на 70 руски дипломати.

Точно напладне, истече ултиматумот од Москва до Софија за поништување на одлуката.

Милчо Велески