Се утврдуваат штетите од невремето во 2018-та во Лозово
Четири години жителите на Лозово чекаат обесштетување од невремето во јуни 2018 година. Вкупната штета тогаш е проценета на близу 150 милиони денари за 705 пријави, главно од физички лица. Според надлежните, средствата се планирани во ребалансот на буџетот. Во меѓувреме во Лозово се утврдуваат штетите од овогодишното невреме...

Околу 200 барања за утврдување на штети и 70 пријави за оштетен движен и недвижен имот, доставиле жителите на Лозово до надлежните Општински комисии. Теренската работа на комисиите е завршена, во моментот се работи на утврдување на штетите. Првичните пресметки се дека најпогодени се лозјата и овоштарниците
Проценетите штети од Општинските комисии ги цени и Владата, која го има крајниот збор за висината на обесштетувањето. Но, додека се утврдуваат штетите од овогодишното невреме, сè уште не се исплатени средствата за обесштетување на земјоделците од невремето во 2018-та година во Лозово.
Општина Лозово на крајот на мај, во пет дена, три пати беше погодена од град, силен ветар и поројни врнежи. Најголеми се штетите во селата Лозово, Каратманово, Милино, Ѓуземелци, Дорфулија и дел од Аџиматово.
Славица Величковска
