Македонија

Куманово: Зголемена потрошувачка на вода

01.07.2022 12:05

Рапидно е зголемена потрошувачката на вода во Куманово. Месецов во споредба со април, разликата е дури 40 отсто. Простор за загриженост нема, бидејќи браните располагаат со доволно количини вода. Но, сепак надлежните апелираат да се избегнуваат миења на улици, полевање бавчи и полнење базени...

Високите температури ја зголемија дневната потрошувачката на вода во Куманово. Од почетокот на јуни, според податоците на јавното претпријатие „Водовод“, потрошувачката е зголемена за 40 проценти во однос на април и 20 отсто, споредено со мај годинава. Граѓаните водата често ја користат за миење на улиците, дворовите, полевање на бавчите, како и полнење на базените.

„Ќе се користи колку може, хигиена мора, ручек, домашни потреби, бавча не мора да полеваме, но цвеќе што имаме во становите пак мораме“, вели повозрасна кумановка.

„Водата треба да се троши рационално, секое домаќинство треба да води сметка за потрошувачката бидејќи нема недостиг на вода. Но сега пак особено во овие топли денови мора повеќе туширање, перење на машините“, дополнува кумановец.

Очекувањата се наредните месеци потрошувачката да надмине над 400 литри вода во секунда.

„Просечна потрошувачка за април 2022 изнесуваше 234 литри во секунда, во мај 272, додека во јуни во одредени моменти на пример, недела 19 јуни потрошувачката беше 328 литри во секунда, додека на 22-ти изнесуваше 307, изјави директорот на претпријатието“, Оливер Стојмановски.

Браните со кои Куманово и Липково се снабдуваат со вода, располагаат со доволни количини за оваа сезона. Но надлежните велат дека во услови на скапа електрична енергија, која се користи во процесот на преработка, многу е важно граѓаните водата да ја користат рационално, за пиење, лична хигиена и готвење.

Елена Георгиевска