Македонија

ССМ ќе ги радикализира протестите доколку не се усвои амандманот

01.07.2022 14:38

Сојузот на синдикати на Македонија денеска повторно на протест. Бараат да се изгласа амандманот за линеарно зголемување од 2.806 денари во јавниот сектор...

14 столчиња, по едно за секој член на комисијата за финансирање и буџет, постави ССМ пред Собранието. На секое од нив и името и презимето на пратениците, но осум обележани со жолт картон, оние кои последниот пат гласале против амандманот за зголемување на платите на администрацијата за 2806 денари. Побараа пратениците да застанат на страната на работникот.

„До први септември може согласно законот за минимална плата да се усогласат и останатите плати. Да, навистина е тоа така, но нас парите ни се потребни денеска бидејќи денеска е зголемена струјата за 7,4% до 98%, а ние како работници што сме тука, верувам и вие не знаете што значи тоа од 7 до 98, што значи они изнајдоа нова цена на струјата, изнајдоа нова методологија за пресметка на струјата, а не изнајдоа решение и методологија за пресметка на платите за да растат во моментот на оваа криза“, изјави Дарко Димовски – претседател на ССМ.

Комисијата не донесе одлука, седницата е презакажана, но ССМ не се откажува. Најавуваат и радикализирање на протестите доколку не се усвои амандманот.

„Онаму кога ќе има некоја странска делегација, која нив, еве во моментов за решавање на проблемот со францускиот предлог ние работниците ќе излеземе на улица, ќе го покажеме незадоволството бидејќи другари ние денеска бараме пари за леб, за плаќање на сметки“, Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Сојузот на синдикати на Македонија стапи на генерален штрајк на 22-ри јуни. осум дена блокираат улици во знак на револт, а администрацијата штрајкува на работните места. Со неколку општини, веќе постигнаа договор за нивните барања.

Катерина Топлаова