Ковачевски: Во предлогот се вклучени нашите забелешки и јасно изразени ставови
Јасно прифаќање на македонскиот јазик и исклучување на протоколот од преговарачката рамка се двата елементи кои јасно се вклучени во предлогот од француското претседателство, информира премиерот Димитар Ковачевски...

Јасно прифаќање на македонскиот јазик и исклучување на протоколот од преговарачката рамка се двата елементи кои јасно се вклучени во предлогот од француското претседателство, информира премиерот Димитар Ковачевски
„Во францускиот предлог се вклучени нашите забелешки и јасно изразени ставови. Позицијата во која денеска се наоѓаме е далеку поповолна за нас, нашата позиција и стратегија дадоа резултати“ изјави премиерот Димитар Ковачевски по средбата во Владата со коалициските партнери на која се разгледуваше францускиот предлог за укинување на бугарското вето за македонските евроинтеграции.
Тој вели дека со оваа средба се почнати консултациите за да се изгради државен став по ова прашање. Понатаму најави консултации со претседателот на државата, Парламентот, опозицијата, но и со експерти, невладин сектор, медиуми.
„Предлогот го гледаме како солидна основа за градење сериозен, одговорен државнички став за можност која се отвора за нашата земја“, рече Ковачевски на прес-конференција придружуван од лидерите на партиите кои се дел од Владата.
„Сите лажни тврдења во различни форми, сметам дека потонаа. Во европскиот предлог имаме дефинирано позиции за јасно прифаќање на македонски јазик, како и Протоколот да не биде во преговарачката рамка. Нашата позиција за понатамошно отпочнување безусловно на преговарачкиот процес и одржување на конференција со ЕУ е исто така во вклучено во предлогот“, рече премиерот.
По прес конференцијата целиот предлог е објавен на веб-страницата на Владата.
