ВМРО – ДПМНЕ: Предлог не смее да помине бидејќи Македонија со ова губи
Владата манипулира со францускиот предлог, став на ВМРО-ДПМНЕ. За нив, модифицираниот предлог не е ништо поразличен од првично објавениот...

Предлог не смее да помине бидејќи Македонија со ова губи, се понижува, а на надворешно политички план нема да ја постигне целта ниту за членство во ЕУ, ниту за подобри пријателски рамноправни односи со Бугарија-коментираат во опозициската ВМРО – ДПМНЕ каде по свои канали го добиле модифицираниот француски предлог и го оценуваат како шминка.
Опозицијата бара Ковачевски да ги објави двата предлога и да види целата јавност дека овој предлог суштински е истиот со она за коешто македонската јавност веќе изгради широк консензус дека е неповолен за државата, понижувачки е, не ги решава споровите со Бугарија.
Ковачевски и Османи манипулираат со јавноста, рече Милошоски при тоа нагласувајќи дека француската амбасадорка во Софија, јавно посочи дека нема суштински измени во новиот француски предлог.
Чист македонски јазик и историски прашања надвор од рамката, тоа беше државен став кој е содржан во новиот модифициран предлог, велат од владејачката СДСМ. Владата водеше мудра дипломатија, а кога дојде време транспарентно излезе во јавноста и сето тоа е резултат на добрата стратегија и позиции кои јасно ги постави премиерот Ковачевски.
Предлогот не се разликува од првиот и целосно ги штити правата на малцинствата во заедницата, вклучително и Бугарите. Документот е идентичен со првиот веќе изгласан во бугарскиот Парламент и не треба ново разгледување во Бугарија.
Миле Ристески
